
Соопштение на Левица:
Серафимовски нема со што да се фали и нека не се обидува да им ги мачка очите на струмичките земјоделци со некаков неформален договор со откупувачите. Земјоделците се гневни затоа што се доведени до гола егзистенција, а ова што го нуди Министерството не е никаква системска гаранција. Кој гарантира дека договорените 40 денари за прва класа, 30 денари за мешана прва и втора класа и 15 денари за шкарт навистина ќе бидат исплатени? Кој гарантира дека утре откупувачот нема повторно да ја прекласифицира пиперката и да ја откупи по пониска цена? Никој! Затоа што нема законска одредба што го обврзува да го направи тоа. Државата повторно го остава земјоделецот сам пред откупувачот, иако земјоделецот веќе ги вложил своите пари, труд и цела сезона во тој род.
И нека не заборава министерот-потрчко на ДПМНЕ дека цената на пиперката не беше единственото барање на земјоделците кои, и покрај сите притисоци, излегоа на улица. Што се случува со субвенциите, Серафимовски? Ем не ги исплативте, ем сега два месеци ги лажете земјоделците дека „паднал системот”! Секојдневно луѓе одат во подрачните единици на Министерството за да аплицираат за следната година, а вие ги враќате назад со истото бедно оправдување. Откако не им обезбедувате сигурен пласман, откако не им обезбедувате гарантирана цена и откако им го оставате целиот производствен ризик на грб, сега им ја ускратувате и онаа минимална државна поддршка што треба да им помогне да продолжат да произведуваат. Ги терате луѓето да доаѓаат пред вашите шалтери, да молат и да коленичат за средства што им следуваат, додека истовремено низ државните мерки, фондови и програми се отвора простор за криминали и перење пари под превезот на „поддршка”.
А за сето ова има решение, и тоа решение не е уште еден договор склучен зад затворени врати. Левица бара законски регулирана минимална откупна цена за сите земјоделски култури, утврдена врз основа на реалните производствени трошоци, потребниот доход за одржување на земјоделското стопанство и разумна заработка за произведениот род. Тоа значи земјоделецот уште пред да сее да знае дека државата нема да дозволи неговиот производ да биде откупен под цена што го турка во загуба.
Паралелно со тоа, потребни се државни откупни центри – јавна инфраструктура каде земјоделците ќе можат да го предадат и складираат својот род, наместо веднаш по бербата, кога се најранливи и немаат каде да го пласираат, да бидат принудени да го дадат на првиот откупувач што ќе понуди што било. Со државни откупни центри, државата создава реална противтежа на откупувачите, обезбедува сигурен пласман, може да врши интервенционен откуп и да влијае врз формирањето на фер пазарна цена. Така се штити производителот, а не прекупувачот.
И ова не е нешто што Левица го смислува денес за да ги придобие земјоделците. На ребалансот на Буџетот ова лето поднесовме конкретни амандмани за формирање државни откупни центри во Кочани, Свети Николе, Велес и Струмица. ДПМНЕ ги ОДБИ! Кога требаше да се гласа за решение што ќе им даде сигурен пласман на земјоделците и ќе ја намали нивната зависност од откупувачите, пратениците на ДПМНЕ избраа да не го поддржат. Сега Серафимовски излегува пред земјоделците со приказна дека склопил договор со истите оние откупувачи од кои требаше да ги заштити.
ДПМНЕ јаде со златна лажица и мисли дека секој пат може да ги изигра луѓето со некоја нова парола, некој нов „договор” и некоја нова исценирана фотографија. Оваа власт лежи во кревет со олигархијата, а секоја нивна „реформа” е скроена така што најголемата корист да ја извлечат оние што веќе имаат капитал, откупни капацитети, складишта и пазарна моќ. Со секоја ваква политика се уништува производниот капацитет на Македонија. Кога ќе го натерате производителот да се откаже од нивата, не исчезнува парцелата туку човекот што произведува на неа, а неговото место го зазема увозот и зависноста од туѓо производство.
Левица стои со земјоделците што произведуваат, а не со оние што профитираат од нивната мака. Сигурен пласман, минимална гарантирана откупна цена, државни откупни центри и навремена исплата на субвенциите – тоа е земјоделска политика што го брани производителот и домашното производство. Серафимовски може да продолжи да склучува договори со откупувачите. Земјоделците имаат право да бараат многу повеќе од тоа.


