
Вработени во Министерството за внатрешни работи од вчера се соочуваат со прекин на здравственото осигурување, а дел од нив биле враќани од хемотерапија, дијагностички процедури и лабораториски испитувања, објави „Слободен печат“. Независниот полициски синдикат потврди дека повторно се појавил проблем со здравственото осигурување на вработените и побара итно решение.
На вработените кои побарале здравствена услуга им било кажано или приватно да ја платат постапката или да почекаат додека нивниот статус повторно не биде регулиран во системот. Особено сериозни се информациите дека проблемот ги погодил и лица кои требало да примаат онколошка терапија.
Според информациите објавени од медиумите, причината повторно е административно-технички проблем поврзан со евиденцијата на вработен во МВР кој бил вратен на работа со судска одлука. Извори од Фондот за здравствено осигурување за „Слободен печат“ велат дека неговите придонеси треба да бидат прокнижени во текот на денот, по што осигурувањето на вработените повторно би било активно.
Случајот не е прв. И на крајот на јуни годинава, според истите информации, погрешен податок при враќање на полицаец на работа со судска одлука предизвикал прекин во евиденцијата на здравственото осигурување за вработените во Министерството.
Практично, системската слабост овозможува административен проблем со евиденцијата на еден вработен да се одрази врз здравствениот статус на многу други вработени во институцијата. Токму повторувањето на проблемот предизвика реакција и од Независниот полициски синдикат.
Од Синдикатот оценија дека е недозволиво полициски службеници да остануваат без здравствено осигурување и најавија дека ќе побараат итна интервенција од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, но и трајно решение за проблемот да не се повторува.
До моментот на објавување, на официјалната интернет-страница на МВР нема соопштение со објаснување за причините и за тоа дали здравственото осигурување на сите засегнати вработени веќе е повторно активно.

