Утрински Весник
Македонија

35 години независност на Македонија – објавено видео пред вечерашниот музичко-сценски спектакл во Охрид

Image 2026 08 09 135716512.png

Специјално видео во пресрет на одбележувањето на 35 – годишнината на независноста на Македонија е објавено денеска. Видеото го објави претседателот на Владата Христијан Мицкоски на својот профил на Фејсбук.

Низ приказната за македонските успеси низ годините не води познатиот актер, водител и изведувач Игор Џамбазов, оперските пејачи Игор и Ана Дурловски во придружба на Македонската Филхармонија ја изведуваат познатата песна „Љуби ме и главата горе“ на Зафир Хаџиманов, а во него учествуваат и други актери од постарата и помладата генерација. Содржани се и инсерти од најзначајните моменти од прогласување на независноста, воведувањето на денарот и.т.н…

Џамбазов ја започнува приказната: „Луѓе какви 35 години!“.

По повод 35-годишнината од независноста е подготвен специјален музичко-сценски спектакл „Силно светнал ден“ којшто ќе биде изведен во 11 градови и најавени се и други концерти и манифестации, а првата изведба на музичко-сценскиот спектакл ќе се одржи вечерва во 19:30 часот во Охрид на стадионот „Билјанини извори“.

Преку музика, глума и танц, во форма на мултимедијален сценски спектакл ќе биде раскажана приказната за 35 години независност на нашата татковина, истакнувајќи ги најзначајните историски моменти, подеми, предизвици и достигнувања од изминатите три и пол децении.

На 11 август спектаклот ќе биде изведен во Битола пред платото на Офицерскиот дом, а на 12 август во паркот пред Општина Велес.

Во пресрет на 8 септември, во наредниот период караванот ќе посети 11 градови низ државата, носејќи ја празничната атмосфера поблиску до сите граѓани. Останатите градови ќе бидат дополнително објавени.

На 15 август во Градскиот парк во Струмица со почеток во 20:00 часот концерт ќе одржат трите легендарни македонски бендови Меморија, Мизар и Синтезис.

Легендите на електронската музика Пол Ван Дајк и Пол Окенфолд ќе настапат заедно на 16 август исто така во Градскиот парк во Струмица, во рамки на одбележувањето 35 години независност на Македонија.

За 1 септември е најавен настапот на славниот шпански тенор Хосе Карерас на Плоштадот Македонија заедно со македонски ѕвезди меѓу кои ќе настапат Влатко Стефановски, Каролина Гочева, Калиопи, Сузана Спасовска, Наум Петрески, Игор Дурловски и Ана Дурловски. Целиот концерт ќе го придружуван од Оркестарот на Филхармонијата.

Кулминација ќе биде последниот перформанс на 4 септември на Плоштадот „Македонија“ во Скопје, на кој ќе настапат повеќе од 120 уметници. Музичкиот дел од одбележувањето завршува на 8 септември со настапот на Дејвид Гета на скопскиот стадион „Тоше Проески“.

Манифестацијата „35 години независност на Македонија“ започна на 2 Август – Илинден во Битола.

Можете да прочитате

Претрес во Неготино, пронајдена дрога, приведено едно лице

Загина мотоциклист од ресенско, изгубил контрола и излетал од патот

Приведен 19-годишник од Кочани, правел експлицитни видеа од поранешната девојка и ги споделувал со трети лица