
Македонскиот национален совет соопшти дека иницијативата за поставување на споменикот „Мајка Македонија“ во Нови Сад не носи никакви политички, територијални или меѓународни конотации, известува порталот 021 од Нови Сад.
Оттаму додаваат дека иницијативата ја одразува желбата да се одбележат осум децении од организираното населување на Македонците во Војводина и да се оддаде признание за нивниот придонес кон развојот на Нови Сад, Војводина и Србија.
Реагирајќи на изјавата во врска со оваа иницијатива, дадена од Граѓанската партија на Грците во Србија, Македонскиот национален совет наведе дека името „Мајка Македонија“ ги симболизира потеклото, татковината и историскиот и културен идентитет на македонскиот народ.
„За Македонците ширум светот, без оглед на земјата во која моментално живеат, овој симбол претставува врска со нивните корени, традиции и културно наследство“, се вели во текстот на новосадскиот портал 021, при што се нагласува дека тоа не подразбира оспорување на правото на другите народи да се идентификуваат со сопственото историско и културно наследство. Македонскиот национален совет наведува дека споменикот уште од самиот почеток бил замислен како инклузивен, а не ексклузивен симбол, и дека културните симболи треба да служат како „мостови на меѓусебна почит, разбирање и дијалог“.
„Со жалење констатираме дека иницијативата посветена на зачувување на идентитетот на една национална заедница во Србија се прикажува како политичка провокација или како средство за водење меѓународни спорови“, наведува порталот.
Понатаму се истакнува дека Македонците во Србија, додека го негуваат своето национално наследство, се лојални граѓани на Република Србија кои се дел од нејзиното општество повеќе од осум децении, придонесувајќи кон економскиот, културниот, образовниот и општествениот развој на земјата. Македонскиот национален совет нагласува дека негувањето на идентитетот на една заедница не може да се смета за закана по идентитетот на друга; напротив, Србија ја црпи својата сила од различноста, меѓусебната почит и правото на националните малцинства да ги зачуваат својот јазик, култура, традиции и историска меморија. „Мајка Македонија“, како што наведуваат, е замислена како траен симбол на почит кон предците, зачувување на културниот идентитет и значајна пресвртница за македонската заедница во Република Србија.



