
Осаменоста не влијае само врз менталното здравје, туку може значително да го наруши и квалитетот на сонот, покажува ново научно истражување објавено во Journal of Psychology.
Истражувањето, спроведено од научници од Универзитетот Охајо Стејт, Универзитетот во Аризона, Универзитетот во Тампа и Универзитетот Витворт, открива дека луѓето кои се чувствуваат осамени почесто имаат кошмари и поинтензивни лоши соништа.
Според водечкиот автор на студијата, Колин Хесе од Универзитетот Охајо Стејт, главната врска меѓу осаменоста и кошмарите е стресот. Покрај него, важна улога имаат и анксиозноста, прекумерната загриженост и состојбата на зголемена будност, позната како хипервозбуденост.
„Меѓучовечките односи се една од најосновните човечки потреби. Кога таа потреба не е задоволена, последиците се чувствуваат и физички, и психички, и социјално“, вели Хесе.
Тој објаснува дека осаменоста е сигнал сличен на гладот или заморот – предупредување дека на човекот му недостига нешто суштинско. Кога тоа чувство трае подолго време, може да доведе до нарушувања на сонот, вклучително и зачестени кошмари.
Истражувачите посочуваат дека ваквите резултати нудат и еволутивно објаснување. Според нив, луѓето низ еволуцијата развиле поголема чувствителност и стрес кога се сами, бидејќи изолацијата некогаш претставувала поголем ризик за преживување.
Научниците нагласуваат дека квалитетниот сон е од суштинско значење за правилно функционирање на мозокот, регулирањето на расположението, метаболизмот и целокупното здравје. Затоа, подоброто разбирање на факторите што го нарушуваат сонот, како што е осаменоста, е важно за превенција и третман на бројни здравствени состојби.
Податоците од САД дополнително покажуваат дека осамените луѓе имаат 29 проценти поголем ризик од срцеви заболувања, 32 проценти поголем ризик од мозочен удар, како и 50 проценти поголем ризик од развој на деменција. Исто така, кај лицата кои често се чувствуваат осамени ризикот од развој на депресија е речиси двојно поголем во споредба со оние кои ретко или никогаш не се чувствуваат осамени.



