
Соопштение за јавност на Левица:
На Илинден, наместо да положи сметка за состојбата во која ја доведе државата, Христијан Мицкоски од Пелинце повторно одржа партиски митинг. Наместо да зборува за сиромаштијата што ги обзема граѓаните, премиерот одлучи да им објаснува дека „посилно од сиромаштијата е кога народот ќе престане да верува во себе”, а вината за безнадежноста повторно ја побара кај опозицијата.
Нема поголем политички цинизам од тоа човекот што две години ја води државата да се обидува последиците од сопственото катастрофално владеење да ги претстави како проблем на менталитетот на народот.
Најголемиот проблем со оваа теза е што ДПМНЕ одамна нема алиби. Централната власт е нивна. Речиси целата локална власт е нивна. Буџетот е нивен. Институциите се нивни. Економските политики се нивни. Ако денес речиси секој петти граѓанин живее под прагот на сиромаштија, а Македонија е држава со најнизок животен стандард во Европа, тогаш сиромаштијата не е последица на „недостиг од верба”, туку на ВМРОвски економски политики што произведуваат сè посиромашно општество.
Сакаме да го потсетиме господинот Мицкоски дека сиромаштијата не е чувство. Таа не е недостаток на оптимизам, ниту последица на погрешен начин на размислување. Сиромаштијата значи семејства што секој месец одлучуваат дали прво ќе купат храна, лекови или ќе ги платат сметките. Таа значи родители кои работат, а не можат да си дозволат достоинствен живот за своите деца. Таа значи работници чиј труд од година во година вреди сè помалку, додека профитите на крупниот капитал продолжуваат да растат.
Особено навредливо е ваквите лекции да ги држи човек кој никогаш не морал да се прашува дали ќе има доволно пари за основните животни потреби. Од позиција на политичка и материјална привилегија, симболизирана со часовници вредни десетици илјади евра, лесно е сиромаштијата да се релативизира и да се претставува како прашање на личен став.


