Утрински Весник
Македонија

Родилка по царски рез останала неподвижна – ДСЗИ ја проверува документацијата во три болници

B80dbb014 crop 820x0x100.jpg

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) спроведува вонреден инспекциски надзор во три здравствени установи по случајот на 19-годишната Станка Михајлова од струмичкото село Баница, која по породување со царски рез во Клиничката болница во Штип останала со сериозни потешкотии при движењето и во моментов користи инвалидска количка.

Инспекцискиот надзор, по налог на Министерството за здравство, се спроведува во Општата болница во Струмица, Клиничката болница во Штип и Универзитетската клиника за неврологија во Скопје, каде што пациентката била лекувана. Инспекторите ја проверуваат целокупната медицинска документација и начинот на лекување, а по завршувањето на контролите ќе следува стручен надзор, по што ќе се одлучува дали има основ за понатамошни мерки.

Семејството на Михајлова тврди дека проблемите со движењето биле забележливи уште при нејзиното отпуштање од Клиничката болница во Штип, иако во медицинската документација било наведено дека е пуштена дома во „добра општа состојба“. Причината за нејзината состојба и натаму не е утврдена.

Според информациите што ги објави „Слободен печат“, во изминатиот месец младата родилка поминала повеќе од 27 лекарски прегледи, но лекарите сè уште не успеале да утврдат зошто не може самостојно да оди. Таа моментално се лекува на Одделот за неврологија во Клиничката болница во Штип.

Од Клиничката болница во Штип соопштија дека постоперативниот тек по царскиот рез бил уреден, а пациентката подоцна повторно се јавила со слабост на долните екстремитети. Директорот на болницата, Владко Захариев, изјави дека ќе има одговорност доколку стручниот надзор утврди лекарски пропуст.

Министерството за здравство соопшти дека случајот ќе биде разгледан „темелно, професионално и до крај“, при што ќе се испита секој аспект од лекувањето. Доколку се утврдат пропусти во постапувањето на здравствените работници, ќе бидат преземени соодветни мерки согласно законските надлежности.

Воедно, Министерството апелира јавноста да не носи предвремени заклучоци за причините и евентуалната одговорност сè додека не завршат инспекцискиот и стручниот надзор. По комплетирањето на медицинската документација и конечните наоди, јавноста ќе биде навремено информирана.

Можете да прочитате

Пеколно попладне во Скопје: Во 14 часот измерени 40 степени

Автобус на „Дурмо Турс“ се запали на автопатот Тетово–Гостивар

Подметнат пожар кај Кавадарци на пет локации – има осомничено лице