Утрински Весник
Македонија

Ангелов: Опасна бактерија во водата во Гостивар – предизвикува инфекции на кожата, очите и ушите

Img 0059.jpeg

Водата во Гостивар се уште не е безбедна за пиење и употреба, бидејќи е потврдено присуство на бактеријата Pseudomonas aeruginosa, која ја прави микробиолошки неисправна и претставува ризик за здравјето на граѓаните. Ова денеска го изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

„Постои присуство на Pseudomonas aeruginosa во водата за пиење. Овие бактерии ја прават водата микробиолошки неисправна и небезбедна за консумирање, бидејќи се опасни за здравјето, особено за лицата со ослабен имунитет“, изјави Ангелов.

Тој појасни дека бактеријата може да предизвика инфекции на кожата, очите и ушите, а кај почувствителни лица и инфекции на уринарниот тракт и белите дробови. Дополнително, посочи дека се карактеризира со висока отпорност на многу вообичаени лекови и антибиотици, што го отежнува лекувањето на евентуалните инфекции.

Во меѓувреме, за да се обезбеди вода за граѓаните, денеска се ангажирани три цистерни со питка и техничка вода.

„Една цистерна е од Територијалната противпожарна единица Гостивар, една од Бехтел и Енка и една од Општина Боговиње. Досега по двапати се упатени кон граѓаните, а до вечерва е планирано да извршат уште по два турнуса. Дистрибуцијата се врши во тесна координација со Општинскиот штаб за заштита и спасување на Општина Гостивар“, изјави Ангелов.

Надлежните апелираат граѓаните и понатаму да не ја користат водата од водоводната мрежа за пиење и подготовка на храна сè додека официјално не биде потврдено дека таа е здравствено исправна.

Можете да прочитате

Пеколно попладне во Скопје: Во 14 часот измерени 40 степени

Автобус на „Дурмо Турс“ се запали на автопатот Тетово–Гостивар

Подметнат пожар кај Кавадарци на пет локации – има осомничено лице