
Битолскиот бизнисмен и почесен конзул на Белорусија во земјава, Борче Марковски, сопственик на „Марковски компани“, денеска бил задржан на граничниот премин „Табановце“, но по извршените проверки му било дозволено да ја напушти државата и да продолжи кон Србија, објави „360 степени“.
Според информациите на медиумот, Марковски бил задржан при обидот да ја премине границата, но проверките покажале дека против него нема активна мерка која би го спречила да ја напушти земјата. Поради тоа, тој бил пуштен и продолжил кон Србија, каде што, според објавените информации, поседува компании и друг имот.
Случајот го отвора прашањето за околностите под кои на Марковски му бил вратен пасошот.
Неофицијално, Основното јавно обвинителство Струга се противело на враќањето на неговата патна исправа, но позитивно мислење стигнало од Вишото јавно обвинителство Битола, со кое раководи Пецо Везироски.
Од Министерството за внатрешни работи, од каде „360 степени“ побарал официјален став за излегувањето на Марковски од земјава, посочиле дека мерките за забрана за напуштање на државата ги определува надлежен суд или друг надлежен орган, додека полицијата постапува исклучиво врз основа на донесени и активни одлуки кои се евидентирани во службените системи.
Од МВР дополнително посочиле дека информации за влез и излез на лица од државата, согласно законските процедури, се даваат исклучиво по барање на надлежен државен орган или на самото лице.
Враќањето на пасошот не е првата контроверзија што се поврзува со судската постапка против сопственикот на „Марковски компани“.
Претходно, Судскиот совет констатираше дека во Основниот суд Битола бил составен „посакуван кривичен совет“ во постапката во која се одлучувало за излегувањето на Марковски од притвор.
Марковски и уште седум лица беа осомничени за кривични дела поврзани со јавна набавка за дислокација на погонски станици од ТЕЦ „Осломеј“ во РЕК „Битола“.
Според наводите поврзани со случајот, иако опремата наводно воопшто не била планирана за употреба во Битола, била спроведена тендерска постапка и бил склучен договор во вредност од околу 1,7 милиони евра.
„Марковски компани“, како добитник на тендерот, ги демонтирала машините во Кичево, ги транспортирала до Битола, по што опремата останала немонтирана во кругот на РЕК „Битола“.
Денешниот случај на „Табановце“ повторно го става Марковски во фокусот на јавноста. Иако бил задржан за проверка, во системот немало активна мерка за забрана за напуштање на државата, поради што му било дозволено да ја премине границата кон Србија.


