
Пратеничката Славјанка Петровска остро го критикуваше Предлог-законот за спроведување на проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, оценувајќи дека со него се отвора можност 21 милион евра јавни средства да се трошат без примена на Законот за јавните набавки.
Според Петровска, наместо да се извлечат поуки од проектот „Скопје 2014“, за кој беа отворени истраги за дел од јавните набавки, актуелната власт предлага модел што, како што наведува, уште повеќе ја намалува контролата врз трошењето на јавните пари.
„По ‘Скопје 2014’ на Никола Груевски, ни подготвуваат ‘Скопје 2028’ – нова година, ист стар рецепт“, наведува Петровска.
Таа посочува дека со Предлог-законот, кој се носи по скратена постапка, Фондацијата „Скопје 2028“ би можела самостојно да ги утврдува правилата за набавките, да ги спроведува постапките и во рамки на сопствените органи да одлучува по евентуалните приговори.
„Истата структура ќе ги има парите, договорите и контролата. Очигледно, поуката од ‘Скопје 2014’ за оваа власт не е поголема транспарентност, туку ‘усовршување’ на моделот – ако законот пречи, тргнете го“, наведува таа.
Петровска нагласува дека проектот „Скопје 2028“ претставува значајна можност за градот, културата и уметниците, но предупредува дека токму затоа мора да се обезбеди максимална транспарентност во трошењето на средствата.
Во својата реакција таа ги повикува надлежните да одговорат зошто се предлага исклучување од Законот за јавните набавки и зошто, како што наведува, се избегнуваат јавни тендери и независна контрола.
„Предлог-законот мора веднаш да биде повлечен. Секој пратеник што ќе гласа за него ќе преземе политичка одговорност за отстранувањето на контролата врз 21 милион евра народни пари“, порачува Петровска.
Таа ја завршува својата реакција со пораката: „Европска престолнина на културата – да. Европска престолнина на набавките без тендер – не!“


