Утрински Весник
Македонија

Полициска акција: Пет килограми марихуана кај татко и син, амфетамин, ЛСД и стотици таблети во подрум

Policzija 4.jpg

Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражни постапки против четири лица откако во неколку одделни полициски акции во текот на викендот биле пронајдени значителни количества марихуана, амфетамин, таблети, ЛСД и други психотропни супстанции за кои постои сомнение дека биле наменети за продажба.

Меѓу осомничените се татко и син, 25-годишник од Арачиново и 23-годишен жител на скопската Општина Аеродром. За сите четворица надлежниот јавен обвинител побарал определување мерка притвор.

Според ОЈО Скопје, во првата истрага се опфатени татко и син, на возраст од 50 и 19 години, кои се осомничени дека во нивниот дом на улицата „Македонско-косовска бригада“ заеднички држеле околу пет килограми марихуана.

Дрогата била спакувана во повеќе ќеси и, според сомнението на Обвинителството, била наменета за натамошна продажба. При претресот на домот полициските службеници пронашле и три дигитални ваги на кои имало траги од дрога.

Посебна истрага е поведена против 25-годишен жител на Арачиново. Тој е осомничен дека неовластено, заради продажба, држел околу 1,8 килограми марихуана.

Марихуаната била поделена и спакувана во десет одделни пакувања, а при претресот полицијата пронашла и дигитална вага. Дрогата и вагата биле одземени, а против 25-годишникот е поведена истражна постапка.

Најразновидни психотропни супстанции, според Обвинителството, биле откриени во третиот случај, во кој е осомничен 23-годишен жител на Аеродром.

Истражните органи се сомневаат дека тој користел напуштена подрумска просторија на булеварот АСНОМ во Скопје за да чува психотропни супстанции наменети за продажба.

Во просторијата биле пронајдени 640 грама амфетамин, како и 541 жолта таблета. Дополнително, биле одземени 0,15 грама жолта грутчеста материја за која било утврдено дека претставува 3,4-метилендиоксиметамфетамин (MDMA).

Полицијата пронашла и 69 перфорирани жолти картончиња со присуство на ЛСД.

Кај осомничениот биле откриени и дигитални ваги и други предмети на кои имало остатоци од различни психотропни и наркотични супстанции, меѓу кои амфетамин, кокаин и канабис.

Сите четворица се осомничени за кривичното дело „Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, согласно член 215 став 1 од Кривичниот законик.

За секој од четворицата осомничени надлежниот јавен обвинител до судот доставил предлог за определување мерка притвор.

Можете да прочитате

21-годишник паднал од отворен прозорец на „Aуди“, тешко е повреден

Западнонилската треска се шири во Македонија – Осум случаи, сите заболени развиле тешка форма

Двајца стоматолози осомничени за мито за положен стручен испит