
Петм алпинисти од Босна и Херцеговина загинаа на планината Елбрус во Русија, објави рускиот портал Lenta. Само двајца членови на експедицијата успеале да ги преживеат екстремните услови на планината.
Повикувајќи се на информации од рускиот Телеграм канал Shot, руските медиуми објавија дека само двајца членови на групата за искачување преживеале. Еден човек успеал сам да се симне од планината и да повика помош, додека другиот бил пронајден од спасувачките екипи. Двајцата преживеани се хоспитализирани и моментално се прегледуваат од лекари.
Веста дека група туристи биле заробени на Елбрус и не можеле да се симнат од планината се појави на 25 јули. Според локалните водичи, временските услови за искачувањето првично биле релативно поволни. Сепак, времето нагло се влошило, со брзина на ветерот која достигнала 45 километри на час, а до утрото се засилила на катастрофални 70 километри на час.
Истражната дирекција на Истражниот комитет (СК) на Руската Федерација за Кабардино-Балкарија претходно даде детали за почетокот на оваа драма и потврди дека е започната истрага.
Според прес-службата, на 25 јули, група од 7 лица тргнала да го освои Елбрус. Еден од алпинистите успеал да се симне и пријавил дека двајца членови на групата се разболеле на надморска височина од 5.100 метри.
„Според достапните информации, тие починале. Потрагата по уште четворица алпинисти е во тек“, објави тогаш Рускиот истражен комитет.
За жал, последователните информации пренесени од медиумите ги потврдија темните претчувства, бројот на жртви беше пет, а само уште едно лице беше спасено од оние по кои се бараше.
„Телата на алпинистите се наоѓаат на т.н. седло на планината Елбрус, на надморска височина од 5.350 метри. Нивната евакуација ќе се изврши само кога временските услови ќе дозволат“, соопшти руското министерство.


