
Советот на Општина Центар, на предлог на градоначалникот Горан Герасимовски, го усвои Предлог-правилникот за доделување еднократна финансиска помош за оштетените објекти на граѓани и правни лица по силното невреме што пред два дена го зафати Скопје.
На седницата, градоначалникот Герасимовски истакна дека личниот пример е најважен, и во акциите на терен и со носење конкретни мерки за поддршка на погодените жители.
„Мој приоритет отсекогаш биле граѓаните. Никој нема да остане сам во справувањето со последиците. Покрај институционалната помош што ја обезбедува Општина Центар, предлагам и јас како градоначалник, како и сите советници, со личен пример да покажеме солидарност и да дадеме финансиска помош за погодените од невремето. Во вакви моменти треба да покажеме единство, одговорност и вистинска грижа за нашите сограѓани”, истакна Герасимовски.
Согласно усвоениот правилник, финансиските средства од општинскиот буџет ќе се доделуваат за санирање на оштетени кровни конструкции и фасади на индивидуални и колективни објекти за домување на територијата на Општина Центар.
„Кога граѓаните се соочуваат со тешкотии, наша должност е да бидеме први што ќе помогнеме. Така ќе биде и овојпат. Граѓаните секогаш биле и ќе останат наш најголем приоритет”, порача Герасимовски.


