Утрински Весник
Македонија

Тројца осомничени изведени пред судија на претходна постапка

Artana asani 1.jpg

Тројцата осомничени во случајот со загадувањето на водата за пиење во Гостивар денеска беа изведени пред судија на претходна постапка во Основниот суд Гостивар, откако Основното јавно обвинителство отвори истрага против нив за кривичното дело тешки дела против животната средина и природата предизвикани со дејства на загадување на водата за пиење.

Пред судот беа спроведени вршителката на должност директорка на ЈП „Комуналец“ – Гостивар, Артана Асани, техничкиот раководител Леон Мезини и раководителот на Одделението за водовод, канализација и градежни работи, Вадедин Даути.


Според наводите на Обвинителството, тројцата осомничени како соизвршители на 25 јуни наложиле поставување на три потопни пумпи во канал со површинска вода што содржела штетни материи, во непосредна близина на преливната комора на водоснабдителниот систем. Целта, како што е наведено, била да се тестира притисокот на водата во системот.

При увидот извршен на 16 јули било утврдено дека две од поставените пумпи сè уште биле во функција и преку нив продолжувало вбризгувањето на загадена вода во системот за снабдување со вода за пиење.

Анализите на Институтот за јавно здравје покажале дека водата од површинскиот канал е сериозно загадена и неупотреблива за каква било намена. Загадување било констатирано и кај примероците земени од каптираниот извор, како и од водоводната мрежа, што претставува основа за отворање на истрагата.

За тоа дали на осомничените ќе им бидат определени мерки на претпазливост, притвор или други ограничувања ќе одлучува судијата на претходна постапка. Од Основното јавно обвинителство Гостивар информираат дека истрагата продолжува и дека ќе бидат преземени дополнителни дејства за целосно расчистување на случајот.

Можете да прочитате

Срушен јарболот со македонското знаме во Скопје

Уапсени двајца мигранти од Авганистан, краделе по Гевгелија

ДОМ: Идентификувањето на виновниците во Гостивар не смее да го амнестира системот кој ја дозволи катастрофата