
Ова суеверие датира од Светското првенство во 1990 година, кога тогашниот претседател Карлос Менем ја посети фудбалската репрезентација на Аргентина кратко пред да претрпи шокантен пораз од Камерун (0-1) на отворањето на мундијалскиот турнир во Италија.
Менем подоцна во јавност беше прогласен за „муфу“, аргентински жаргон за човек кој носи голема несреќа, и колку што е познато, оттогаш ниту еден аргентински претседател не присуствувал на натпревар на репрезентацијата.
Одговарајќи вчера на прашање на радионовинар, дали ќе отпатува во Њу Џерси за в недела да го гледа финалето меѓу Аргентина и Шпанија, во друштво на својот близок сојузник, претседателот на САД, Доналд Трамп, и првиот човек на ФИФА, Џани Инфантино, шефот на аргентинската држава категорично одговори: „Никако“.
„Ќе продолжам да ги гледам сите натпревари од Оливос“, рече Милеи, алудирајќи на претседателската резиденција во Буенос Аирес, откривајќи потоа уште еден од неговите ритуали.
„Бидејќи е ладно и не го вклучувам греењето, носам капут со логото на нафтена компанија. На денот на натпреварот со Швајцарија, ми дојде топло, го соблеков капутот и примивме гол. Повторно го облеков и повеќе не го соблекувам“, рече аргентинскиот претседател.
Навивачите и фудбалрите ширум светот се придржуваат до суеверија за кои веруваат дека можат да донесат среќа на нивниот тим или лоша среќа на нивните противници. Но, во Латинска Америка, а особено во Аргентина, ритуалните верувања и навики поврзани со фудбалот, носат необична тежина, што ја одразува страста со кој многумина ја следат својата репрезентација.
Како и нивниот претседател Милеи, повеќето Аргентинци имаат ритуали до кој постојано се држат ако репрезентацијата победува.
Некои носат иста облека за време на секој натпревар, одбивајќи да ги исперат дресовите за време на Светското првенство. Други го гледаат секој натпревар од истото место или, пак, воопшто не им е дозволено да гледаат, што може да биде случај за оние кои случајно ќе се најдат во бањата кога Аргентина постигнува гол.
Дури и најмалите постапки добиваат големо значење.
Во едно видео што стана вирално за време на ова Светско првенство, група навивачи почнаа да ја читаат Библијата токму кога Аргентина го почна резултатскиот пресврт во осминафиналето против Египет (3-2) принудувајќи ги да го повторуваат ритуалот на секој следен натпревар.

