Утрински Весник
Македонија

За 35 години од Република Албанија се иселиле 1,8 милиони повеќе лица отколку што се вратиле

Salim kerimi.jpeg

Пишува: Салим Кадри Керими, историчар – дипломат во пензија

Во деновиве кога Република Албанија бележи значаен напредок на европскиот пат, со затворањето на три преговарачки поглавја со Европската Унија, Заводот за статистика на ЕУ (EUROSTAT) објави податоци што предупредуваат на еден сосема поинаков предизвик – драматичното иселување на албанските граѓани во изминатите 35 години. Имено, според најновите статистички податоци на EUROSTAT, кои на 15 јули 2026 година ги пренесе албанскиот весник DITA, во наведениот период од Албанија се иселиле околу 1,8 милиони повеќе лица отколку што се вратиле во земјата. Во текот на целиот период Албанија бележела негативен миграциски биланс, односно бројот на иселениците постојано бил поголем од бројот на повратниците.


Според истиот извор, најсилниот емиграциски бран бил регистриран во првата деценија од транзицијата. Во периодот од 1990 до 2001 година негативниот миграциски биланс достигнал околу 785.700 лица, што во просек претставува загуба од околу 65.000 жители годишно. Најголем одлив е забележан во 1991 година, кога земјата ја напуштиле 123.619 лица повеќе отколку што се вратиле. Следуваат 1995 година со негативен биланс од 118.022 лица, 1997 година со 107.503 и 1999 година со 105.229 лица. Масовната емиграција во тој период се поврзува со падот на комунистичкиот режим, економските и политичките промени, како и со кризата предизвикана од пропаста на пирамидалните финансиски шеми.

Во периодот од 2002 до 2013 година темпото на иселување се намалило, но останало високо. Во тие дванаесет години нето–загубата по основ на миграција изнесувала околу 391.000 лица, или во просек околу 33.000 жители годишно. Економскиот раст и политичката стабилизација придонеле за привремено намалување на иселувањето.

Наместо натамошно слабеење на трендот на натамошното иселување, во периодот од 2014 до 2025 година повторно е забележано значително зголемување на емиграцијата. Во тие дванаесет години нето–загубата достигнала околу 617.000 лица, што претставува просечна годишна загуба од повеќе од 51.000 жители.

По 2020 година повторно е забележано засилување на иселувањето. Негативниот миграциски биланс изнесувал 32.853 лица во 2021 година и 32.497 лица во 2022 година. За 2024 и 2025 година се проценува дека нето–загубата изнесува 28.836, односно 28.531 лице, што покажува дека бројот на оние што ја напуштаат земјата и натаму е значително поголем од бројот на повратниците. Објавените податоци потврдуваат дека емиграцијата останува еден од најсериозните демографски и развојни предизвици на Албанија. Иако денешниот интензитет не е споредлив со масовното иселување од почетокот на деведесеттите години, земјата и натаму годишно губи околу 30.000 жители по основ на миграција, што директно влијае врз стареењето на населението, драстично намалување на бројот на учениците/ студентите, недостигот од работна сила и одржливоста на пензискиот и социјалниот систем.

Во поширок регионален контекст, иселувањето останува заеднички предизвик за сите држави од Западен Балкан. Сепак, според обемот на нето–емиграцијата во однос на бројот на жители, Албанија и Македонија се меѓу најпогодените земји во регионот. Иако по бројот на населението се разликуваат, двете држави веќе подолг период се соочуваат со изразени негативни миграциски и демографски трендови.

За разлика од EUROSTAT, кој располага со детални и континуирани статистички показатели, вклучително и за бројот на иселениците од земјите во нашиот регион, доколку не грешам, во Македонија и Албанија сè уште не постои целосна официјална евиденција за нивниот број. Поради тоа, најчесто се користат проценките на меѓународните институции. Сепак, сите тие упатуваат на заклучокот дека иселувањето, особено на младото и високообразованото население, претставува еден од најсериозните развојни предизвици за двете држави.

Податоците на EUROSTAT, пренесени во наведениот албански весник, не претставуваат само статистика за миграциските движења, туку и сериозно предупредување и аларм за последиците од долгогодишното неисполнување на политичките ветувања и развојните стратегии. Кога државата не успева да создаде услови за достоинствен живот, сигурно вработување, владеење на правото и еднакви можности за напредок, голем број граѓани излезот го гледаат во напуштањето на својата татковина. Тоа не е само албанско и македонско, туку и пошироко балканско искуство.

Искуството на Албанија од првите години на транзицијата истовремено покажа дека, во услови на институционална слабост, економска неизвесност и недоволна контрола на државните механизми, дел од населението беше вовлечен во различни форми на организиран криминал, вклучително и трговија со дрога, луѓе и оружје. Иако огромното мнозинство албански граѓани чесно го градеа својот живот во земјата или во странство, сепак наведените појави оставија соодветни негативни последици врз меѓународниот углед на државата, како и врз безбедноста во земјата. Затоа, најновите демографски показатели треба да се сфатат како порака до политичките елити во Албанија, Македонија и другите земји од Западен Балкан дека вистинскиот успех на една држава не се мери само со политички декларации, изборни победи или напредок во европските интеграции, туку пред сè со нејзината способност да ги задржи своите граѓани, особено младите, образованите и работоспособните луѓе. Држава од која луѓето масовно заминуваат, без оглед на соодветните политички успеси што ги постигнува, се соочува со еден од најсериозните предизвици за својата иднина и опстанок.

Сосема на крај, би сакал да упатам порака, особено до младите во Македонија, но и во другите земји од регионот, излезот од проблемите да не го бараат само во најлесното решение – заминувањето од своите огништа, туку и во личниот ангажман и придонес за надминување на предизвиците со кои се соочуваат нивните држави. Народната мудрост вели: „Каменот тежи на своето место.“ Каде и да заминете во светот, секогаш ќе останете луѓе што дошле од друго место, а татковината останува единственото место каде што човек најлесно ги пушта своите корени и се чувствува свој на своето.

Можете да прочитате

 Кому му одговара Македонија да стои во место?

Доживотен затвор за свирепото убиство на својата мајка во Богданци

Мигрант пронајден починат во Мрзенци