Утрински Весник
Македонија

Условна казна за екс претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска

Tatjana dimitrovska.jpg

Основниот кривичен суд Скопје денеска ја објави пресудата во предметот против поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Татјана Димитровска, изрекувајќи ѝ единствена условна казна затвор од една година за кривичните дела оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат.

Судот ја прогласи Димитровска за виновна за оддавање службена тајна, за што ѝ утврди казна затвор од осум месеци, како и за компјутерски фалсификат, за што ѝ е утврдена казна затвор од шест месеци. За двете кривични дела изречена е една единствена казна затвор во времетраење од една година, која нема да се изврши доколку обвинетата во наредните три години не стори ново кривично дело.


Во истиот предмет, Судот го прогласи за виновен ревизорот Миле Столевски за кривичното дело компјутерски фалсификат. Нему му е изречена алтернативна мерка условна осуда, со која му се утврдува казна затвор од шест месеци доколку во рок од две години не стори ново кривично дело.

Tретообвинетата Билјана Петровска-Мантева е ослободена од обвинението, бидејќи Обвинителството не докажа надвор од разумно сомневање дека го сторила кривичното дело оддавање службена тајна.

Во образложението на пресудата, судечкиот совет наведе дека секое оддавање податоци и информации не само што го урива интегритетот на ДКСК туку претставува и повреда на службената должност.

Судијата Илија Трпков нагласи дека претседателот на ДКСК не само што раководи со работата на Комисијата, туку е и олицетворение на довербата во јавноста.

Според обвинителниот акт, Димитровска се товареше дека оддавала службени информации на поранешниот директор на ТЕЦ „Неготино“, Небојша Стојановиќ, обвинет во предметот „Адитив“, како и дека ревизорот Столевски во нејзино име го полагал тестот за добивање безбедносен сертификат за пристап до класифицирани информации.

Можете да прочитате

Левица: ДПМНЕ ги одби амандманите за заштита на жртвите на сексуално и семејно насилство

Од утре патнички возови Скопје – Битола и Битола – Скопје

Од денеска на сила стапуваат новите правила за управување со електрични тротинети