Утрински Весник
Македонија

Сиљановска-Давкова: „Охридско лето” е извор на поетика на мирот и на љубовта, а уметноста е насушна потреба и придобивка

Foto 3.jpeg

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во својство на покровителка, синоќа го прогласи за отворено 66. издание на фестивалот „Охридско лето”.

Според неа „Охридско лето” симболизира и бележи долга и богата меморија и историја, просветителска и просветлувачка мисија, новоотворени музички и театарски хоризонти, космополитизам, меѓудржавно, меѓунационално, интеркултурно и меѓучовечко разбирање.


За претседателката, Охрид е оаза и прибежиште на уметноста, амбиент во којшто музиката, зборот и играта стануваат симфонија, а Самоиловиот град летен дом на врвни уметници кои го презентираат најубавото.

„Кога Ростропович го распеал и го расплакал своето виолончело во градот на Свети Климент и Наум, а Карерас, небаре Орфеј ги предизвикал птиците, нивните настапи не им го одзеле само здивот на присутните, туку се слеале во езерските бранови, се соединиле со звуците на црковните ѕвона и проструиле низ Самоиловите тврдини, раскажувајќи приказни”, рече претседателката.

На крајот, таа укажа дека „Охридско лето” е извор на поетика на мирот и на љубовта, потврдувајќи дека уметноста е насушна потреба и придобивка.

Со гала-концертот „Љубов”, во изведба на светски познатите оперски уметници Ермонела Јахо и Чарлс Кастроново, во придружба на Националната опера и балет и под диригентската палка на Марко Боеми, започна овогодинешното издание на фестивалот.

Можете да прочитате

Реномирано меѓународно жири ќе одлучува за наградите од официјалната селекција на филмскиот фестивал „Преку езерото“

Мицкоски: Владата не е на комфор, туку на резултати – функцијата е одговорност што секој ден повторно се заслужува

Кузеска: Непотизам – братот на Трајко Славески од чувар до функционер, М-НАВ е како комитет на ВМРО