
Во Основниот суд во Куманово денеска се одржа првото судско рочиште против 25-годишниот Трајко Бојковски од Старо Нагоричане, обвинет за серија тешки кривични дела, меѓу кои четири убиства и два обида за убиство на повозрасни жени во Кумановскиот Регион.
По завршувањето на рочиштето, јавниот обвинител Љубомир Лапе изјави дека станува збор за случај без преседан во судската практика во регионот, бидејќи, според обвинението, главниот мотив за злосторствата била некрофилија – односно задоволување на полови страсти врз телата на жртвите по нивната смрт.
Обвинителот посочи дека вакви случаи постојат само во ограничен број во светската судска практика и дека токму тие биле користени при градењето на обвинителната теорија. Како што рече, мотивот ќе се докажува преку обдукциските наоди, психијатриското вештачење и сведочењата на двете жени кои ги преживеале нападите.
На прашањето дали обвинетиот во текот на истрагата признал вина, обвинителот одби да одговори, образложувајќи дека за тоа не може да говори пред доказите да бидат изведени во судската постапка.
Во текот на денешното рочиште, Бојковски беше спроведен во судницата со полициска придружба и лисици на рацете. Додека медиумите го снимаа, седеше мирно, се нишаше на столицата и гледаше кон таванот, без видлива реакција на присуството на јавноста.
Според обвинението, првото убиство било извршено во јануари 2025 година во селото Клечовце, по што следувале уште три убиства во Драгоманце, Старо Нагоричане и Челопек, како и два обида за убиство во Челопек. Обвинителството тврди дека жртвите биле повозрасни и немоќни жени, а делата биле извршени со умисла и од особено ниски побуди.
Доколку биде прогласен за виновен, на Бојковски му се заканува казна затвор од најмалку десет години или доживотен затвор.
Обвинителот информираше и дека во Вишото јавно обвинителство Скопје се води посебен предмет за евентуална одговорност на лекари кои, според наводите, не утврдиле дека смртта на дел од жртвите била насилна, поради што тие првично биле погребани како да починале од природна смрт, а подоцна биле ексхумирани.
Следното судско рочиште е закажано за 31 август, кога ќе продолжи доказната постапка.


