Утрински Весник
Македонија

Скандал на македонско-албанската граница: Со дипломатски пасоши чекале еден час, па биле вратени

Img 8790.jpeg

По едночасовно чекање на граничниот премин „Ќафасан“ на македонско-албанската граница, албанските гранични власти одбиле влез на едно лице кое патувало заедно со координаторот на пратеничката група на ВЛЕН, Беким Ќоку, пратеникот Аднан Азизи и заменик-генералниот секретар на Владата, Хасим Муртезани.

Според Ќоку, делегацијата патувала кон Тирана по службени обврски, а иако тројцата функционери приложиле дипломатски пасоши, рутинската гранична контрола, која вообичаено трае неколку минути, се претворила во едночасовно задржување без никакво образложение.


„Јас, заедно со Аднан Азизи, пратеник, и Хасим Муртезани, заменик-генерален секретар на Владата и неколку други државни функционери имавме работа во Тирана. Кога пристигнавме на Ќафасан, тројцата бевме со дипломатски пасоши. Она што требаше да биде рутинска контрола која трае само пет минути, за жал албанските гранични службеници нè држеа повеќе од еден час без да ни дадат никакво објаснување зошто не можеме да ја преминеме границата, а на едниот од нас кој беше во другиот автомобил му беше забранет влез во Албанија. Во моментот кога бевме информирани дека на еден од нашите сонародници му е одбиен влез, решивме да се вратиме и сè уште не разбираме зошто се случи ова“, изјави Ќоку.

Тој претходно оцени дека ситуацијата е апсурдна и бесмислена, истакнувајќи дека не добиле никакво официјално објаснување за причините поради кои биле задржани.

Пратеникот Аднан Азизи случајот го нарече „дипломатски апсурд“, нагласувајќи дека четири лица со дипломатски пасоши биле задржани повеќе од еден час на граница.

„Причините зошто тоа навистина се случи се голем апсурд и многу сериозен удар за Албанците, а не за нас како поединци. Четворица дипломати со дипломатски пасоши се задржани повеќе од еден час и тоа е многу сериозно искуство бидејќи ние сме Албанци, нашата татковина е Албанија и за таа Албанија сме придонеле. Сме ја преминале и српската граница, но таму немало никаков застој, иако сме биле вклучени за време на војните што Албанците ги водеа со Србија“, рече Азизи.

Тој претходно изјави дека одлуката ја смета за удар не само врз нив како функционери, туку и врз Албанците во целина, додавајќи дека дури ни во времето на Слободан Милошевиќ не се забранувало некој да оди на протест.

Поддршка за функционерите на ВЛЕН пристигна и од лидерот на пратеничката група на Демократската партија на Албанија, Газмент Барди. Тој порача дека ниту една институција на албанската држава нема право на ваков однос кон легитимните претставници на Албанците од Северна Македонија и побара јавно и транспарентно објаснување од Државната полиција.

„Ниедна институција на албанската држава нема право да се однесува кон легитимните претставници на Албанците од Северна Македонија на понижувачки начин. Барам Државната полиција веднаш да даде јавно и транспарентно објаснување за овој настан. Албанија секогаш мора да биде држава која ги поздравува, почитува и заштитува Албанците, а не држава каде што тие се чувствуваат навредено или попречено. Ова не е само правно прашање, туку и национална и морална обврска“, напиша Барди.

Засега нема официјално соопштение од албанските власти за причините поради кои едно лице од делегацијата не добило дозвола за влез во Албанија, ниту за едночасовното задржување на македонските функционери на граничниот премин „Ќафасан“.

Можете да прочитате

НАТО воведе нов стандард 5% од БДП за одбрана и безбедност вели Шеќеринска

Шекеринска: Македонија мора да го искористи кредибилитетот во НАТО за деблокада на патот кон ЕУ

Филипче: Платформата е обид за дефокус од тоталниот дебакл на власта