
Судијката Даниела Димовска е избрана за нов претседател на Основниот кривичен суд Скопје, одлучи денеска Судскиот совет на седница по спроведената постапка за избор.
Изборот следува по јавен оглас на кој се пријавија двајца кандидати – Даниела Димовска, судија и досегашен вршител на должност претседател на Основниот кривичен суд Скопје, и Ивица Стефановски, судија во истиот суд.
Претседателот на Комисијата за избор, Ивица Николовски, информираше дека двете кандидатури биле уредни и дека кандидатите ги поминале сите предвидени фази од постапката, вклучително и тестирањата и интервјуата.
По усвојувањето на извештајот на Комисијата и спроведеното гласање во Судскиот совет, мнозинството гласови ги доби Даниела Димовска, која официјално е избрана за претседател на Основниот кривичен суд Скопје.
Димовска веќе една година ја извршуваше функцијата како вршител на должност претседател на судот. Пред тоа беше судија во Одделението за организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје, каде работеше на предмети од областа на организираниот криминал и високата корупција.
Со денешната одлука, таа добива полн мандат да раководи со најголемиот кривичен суд во државата.


