
Пишува: Проф. Д-р Иван Анастасовски
Во демократијата, силата на власта никогаш не е единствениот показател за стабилноста на политичкиот систем. Во секој демократски политички систем, опозицијата претставува суштински механизам за политичка контрола, институционална рамнотежа и демократска отчетност. Затоа, подеднакво важна и силата на опозицијата, но и нејзиниот капацитет да биде коректив, да предлага алтернативи и да ја одржува живата политичка дебата. Денес, македонската опозиција се наоѓа токму пред таков испит, каде за состојбите во сегашната опозиција најодговорни се суетните политичари(без оглед дали се актуелни или седат во “сенка“ позадина) кои го узурпираа тој простор и се однесуваа(т) како тоа да е нивно наследство. Нејзиниот најголем предизвик повеќе не е само како да ја критикува власта, туку како повторно да стане релевантен политички избор за граѓаните. Нејзината улога не се сведува единствено на критика на власта, туку и на артикулација на алтернативни политики, мобилизација на јавноста и градење политичка доверба кај гласачите. Во Македонија, по парламентарните избори во 2024 година и последователните локални политички процеси, опозицијата се соочува со сериозен предизвик на политичка консолидација (да се биде или не), како и организациска реформа и обновување на легитимитетот кај граѓаните. Изборните резултати покажаа значително слабеење на традиционалната најголема опозициска сила, додека владејачката коалиција воспостави доминантна политичка позиција. Па затоа, по серијата изборни порази и загубената доверба кај значителен дел од јавноста, опозициското дејствување останува без јасна политичка динамика. Наместо да ја наметне темата на јавниот дискурс, таа најчесто реагира на потезите на Владата. Во политиката, оној што само реагира ретко ја диктира агендата, тој најчесто ја следи. Ваквата состојба отвора едно многу важно прашање: дали македонската опозиција има стратегија за иднината или се уште се обидува да ја објасни сопствената политичка прошлост? Граѓаните, спред мене веќе не гласаат само против некого, туку тие знаат и да наградат да проценат, а таа нова реланост при гласање опозицијата би требало сериозно да ја сфати. Денес нашите граќани, сакаат да гласаат за нешто, сакаат да гласаат за визија, за конкретни решенија и за чувство дека некој знае како државата треба да изгледа во следните десет години.
Во политичката практика, довербата не се обновува само со прес-конференции, ниту со секојдневни обвинувања, таа се гради со кредибилитет, доследност и јасна политичка понуда. Во јавноста се повеќе се создава впечаток дека политичката борба се сведува на дневни пресметки, наместо на судир на концепти. Таквата политика носи краткорочни медиумски ефекти, но не создава долгорочна политичка поддршка. Опозицијата мора да покаже дека може да понуди повеќе од критика, дека има визија, знаење и капацитет за управување.
Особено значајно е што Македонија се соочува со период исполнет со комплексни предизвици. Европските интеграции остануваат во застој поради нерешените политички прашања, економскиот раст не ги исполнува очекувањата на граѓаните, младите продолжуваат да ја напуштаат државата, а институционалната доверба останува ниска. Во вакви околности, државата нема потреба од опозиција што ќе биде само политички противник на Владата. Потребна е опозиција што ќе биде партнер во креирањето национални позиции кога станува збор за стратешките интереси, а истовремено бескомпромисен контролор кога станува збор за законитоста, транспарентноста и јавниот интерес.
Дополнително, опозицијата мора и треба да покаже дека научила од сопствените грешки, а тоа се засега не го покажува. Таа треба да биде сигурна дека политичката меморија на нашите граѓани не е кратка тие паметат и при тоа наградуваат и казнуваат (последните анкети повторно не се во прилог на опозицијата). Довербата не се враќа со промена на реториката, туку со промена на политичката култура кој треба јасно да се манифестира пред јавноста. Тоа подразбира отворање кон нови луѓе, поголемо присуство на експерти, внатрепартиска демократизација и јасни критериуми за политичка одговорност. Без таква трансформација, секој обид за политичко враќање ќе остане ограничен. Опозицијата мора да започне процес на длабока политичка обнова. Тоа подразбира отворање кон нови кадри, поголема вклученост на експертската јавност, воспоставување јасна програмска визија и враќање на политиката кон суштинските прашања што ги засегаат граѓаните. Наместо политика на конфронтација, потребна е политика на аргументи. Наместо постојана реакција, неопходна е иницијатива. Наместо персонални пресметки, приоритет треба да бидат јавните политики.
Вистинската опозиција не се препознава по тоа колку гласно ја критикува власта, туку по тоа колку убедливо покажува дека може подобро да управува со државата. Само така може повторно да ја стекне довербата на неопределените гласачи и да стане релевантен политички фактор.
За да стане релевантен демократски коректив, опозицијата треба да спроведе неколку стратешки промени:
- Да изврши темелна кадровска и организациска реформа заснована врз компетентност, интегритет и политичка одговорност.
- Да изгради јасна програмска платформа со конкретни политики во економијата, образованието, здравството, владеењето на правото и борбата против корупцијата.
- Да воспостави постојана комуникација со академската заедница, стопанските комори, граѓанскиот сектор и младите, со цел политиките да се темелат врз истражувања и реални потреби.
- Да развие конструктивна парламентарна стратегија, која ќе подразбира критика проследена со конкретни законски предлози и решенија.
- Да инвестира во нови политички лидери и современи форми на политичка комуникација, со што ќе ја обнови довербата кај неопределените гласачи.
Само преку таков пристап опозицијата може да ја надмине перцепцијата дека претставува политичка алтернатива без доволен реформски капацитет.
Македонската демократија има потреба од силна, организирана и кредибилна опозиција. Не затоа што тоа и е потребно на една политичка партија, туку затоа што без вистинска политичка конкуренција слабее демократската контрола врз власта. Денешната состојба е предупредување, но истовремено и можност за нов почеток. Доколку опозицијата покаже капацитет за самореформа, програмска јасност и политичка зрелост, таа повторно може да стане двигател на демократските процеси, но во спротивно, ќе продолжи да биде набљудувач на политичките случувања, наместо нивен активен креатор. Ако не ги надминат (а тешко им оди) суетите на сите оние кои претендираат да го употребуваат опозициското расположение, власта ќе остане за жал едниствена опција за нашиот гласач, суетите ги зачаруваат и нив но и сите останати кои ги следат таквите ликови. Затоа на следните избори (моја предвидување е март-април 2027) со вакво детско однесување опозицијата самата таа ќе се маргинализира себе си.
Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

