Утрински Весник
Македонија

Петровска: ВМРО-ДПМНЕ гласаше против повисоки плати за Армијата и пожарникарите

Img 8740.jpeg

Пратеничката на СДСМ и поранешна министерка за одбрана, Славјанка Петровска, остро реагираше по денешната седница на собраниската комисија за ребалансот на Буџетот, обвинувајќи дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлиле предлозите за повисоки плати во секторот одбрана и за пожарникарите.

Во објава на Фејсбук, Петровска посочи дека на комисијата биле одбиени трите амандмани со кои, како што наведува, се барало покачување на платите на вработените во Министерството за одбрана, припадниците на Армијата и пожарникарите.


„Не е важно што зборуваат, туку како гласаат“, напиша Петровска, оценувајќи дека со денешното гласање паднале во вода ветувањата на министерот за одбрана дека ќе се подобри статусот на вработените и ќе се обезбеди нов колективен договор.

Таа тврди дека две години се најавуваат подобри услови и повисоки примања, но, според неа, нема конкретни резултати, а вработените во одбраната и пожарникарите и натаму чекаат решение за своите барања.

Петровска упати и јавен повик до министерот за одбрана, Владо Мисајловски, да прифати јавна дебата.

„Нека излезе пред јавноста и нека објасни како едно зборува, а друго прават неговите пратеници. Нека каже зошто нема нов колективен договор, зошто нема покачување на платите и зошто повторно вработените и пожарникарите се тие што ја плаќаат цената“, наведува Петровска.

Таа порача дека е подготвена за јавна дебата со факти, документи и аргументи, додавајќи дека прашањето е дали и министерот е подготвен да ги образложи владините политики во јавноста.

Можете да прочитате

Сиљановска-Давкова на прием кај Ердоган пред Самитот на НАТО во Анкара

Жена пронајдена почината во домот во Аеродром

Митева: Владата донесе одлука за престанок на мандатот на градоначалникот на Општина Брвеница согласно законските одредби