Утрински Весник
Македонија

Мециновиќ: Платеното политичко рекламирање треба да се укине и парите да се насочат за амбулантни возила и онкологија

Image 2026 04 08 190011751.png

Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, во гостување на Канал 5 оцени дека пропаѓањето на новиот Изборен законик е последица на тоа што власта се обидува да наметне еднострани решенија, наместо да гради политички консензус околу суштинските изборни реформи.

„Поразително е што Владата по две години мандат покажува дека не знае да комуницира со опозицијата, туку сака само да акумулира што повеќе моќ. Самото гласање за потребата од носење нов Изборен законик покажа дека власта се обиде да донесе Изборен законик по своја мерка. Тоа е аларм само по себе”, истакна Мециновиќ.


Тој потсети дека една изборна единица била ветување на ВМРО ДПМНЕ уште пред доаѓањето на власт и дека токму тоа било причината поради која воопшто се отворил процесот за изборни реформи.

„Кога се отвораа новите министерства, Левица понуди поддршка за двотретинско мнозинство, но побара една изборна единица. Тој разговор тогаш умре. На лидерската средба повторно се разговараше за една изборна единица. За дијаспората воопшто не се разговараше. Потоа одеднаш нѐ изненадија сите со електронското гласање на дијаспората. Тоа покажува дека ВМРО ДПМНЕ има непредвидливи позиции чија единствена цел е да го задржи статус-квото”, рече Мециновиќ.

Според него, воведувањето една изборна единица не ѝ одговара на власта бидејќи би ја намалило нејзината парламентарна предност.

„Моделот е таков што една изборна единица ќе им минусира пратеници на ВМРО ДПМНЕ, додека гласањето на дијаспората потенцијално може да им донесе нови. Граѓаните треба да знаат дека ВМРО ДПМНЕ размислува само во плус за себе. Овој Изборен законик не го водат за граѓаните, туку за да си ги зајакнат сопствените позиции”, нагласи тој.

Мециновиќ додаде дека додека власта инсистира на прашањето за дијаспората, ги игнорира нееднаквостите што ги трпат граѓаните во самата држава.

„Зборуваме за дијаспората, а што правиме со граѓаните кои живеат тука? Во Скопје се потребни околу 12.000 гласа за еден пратеник, додека во други изборни единици значително помалку. Луѓето кои тука живеат и кои ја живеат бедата на овој политички систем, не можат нивните гласови да ги уважат на начин којшто е потребен на нашата демократија, па ние сега разговараме за дијаспората. Дијаспората е една димна бомба на ВМРО ДПМНЕ, затоа што крајно немаат ни намера да дојде до консензус или потенцијално да донесеме нов изборен законик. Нема едноставно капацитет за демократизација на процесите. Вашата реченица дека Левица ја навредила дијаспората е емотивна манипулација со дијаспората и со нашите граѓани, сите во нашите фамилии имаме по еден во дијаспората затоа што е “брилијантна ситуацијата во Македонија”. Ама исто така ги навредувате сите гласачи во Македонија. Затоа што сите гласачи кои овдека живеат, бараат реформа на изборниот модел. Вие сега зборувате за дијаспората и ги прескокнувате сите граѓани овдека.”, рече пратеникот од Левица.

Во однос на можниот компромис, Мециновиќ истакна дека Левица не е против поголемо учество на дијаспората, но дека тоа не смее да биде замена за суштинските изборни реформи.

„Компромисното решение го гледаме во тоа дијаспората да гласа по пошта на претседателските избори, бидејќи претседателот има доминантни надлежности во надворешната политика. Подготвени сме да разговараме за такво решение, но само доколку паралелно се воведе една изборна единица”, изјави Мециновиќ.

Осврнувајќи се на финансирањето на политичкото рекламирање, тој повтори дека Левица останува на ставот дека најдобро е тие средства целосно да се укинат:

„Последните локални избори чинеа речиси 10 милиони евра, а околу 2/3 од тие средства завршија за платено политичко рекламирање. Наш предлог е тие средства целосно да се укинат и да се пренаменат за јавниот интерес – за амбулантни возила, онкологија и сл. Да им заштедиме 7 милиони евра на граѓаните и да одиме само на дебати за изборите.

Левица веќе учествувала на избори без тие средства и повторно сме подготвени да настапиме така, работата е што вие не можете”, порача Мециновиќ.

Можете да прочитате

МВР: Најниско ниво на криминалитет во последните 20 години

Томовски: Воведувањето на обоените регистарски таблички за службените возила ги намали злоупотребите за 70 проценти

Скопјани прават најмногу отпад: Македонското „малку ѓубре“ е сепак голем проблем