
Поранешниот функционер на СДСМ, Васко Кичевски, јавно го критикуваше актуелното партиско раководство поради односот кон новата политичка платформа, оценувајќи дека со своите постапки создава непотребни поделби во опозицискиот блок.
Во објава на Фејсбук, Кичевски порача дека наместо дијалог со луѓето кои, според него, суштински припаѓаат на СДСМ, партијата ги оттурнува и ги претвора во политички противници.
„Од група луѓе кои во суштина се СДСМ, луѓе кои не можат да бидат ништо друго освен СДСМ, вие правите противници. Со секој нов ден ги туркате сè поблиску кон создавање нова партија. Свесно или несвесно, на овој начин опозицијата се дели уште подлабоко“, напиша Кичевски.
Тој смета дека раководството требало да покаже политичка зрелост и да понуди разговор, наместо јавно да реагира против луѓе кои, како што наведува, со години биле дел од СДСМ и ја делат истата политичка определба.
Според Кичевски, реакциите на актуелното раководство оставаат впечаток дека постои страв од новата политичка платформа, а ваквиот пристап, предупредува тој, може дополнително да ја ослаби опозицијата.
Во својата објава, тој оценува дека продлабочувањето на внатрешните поделби може негативно да се одрази врз резултатот на СДСМ на следните парламентарни избори, наместо да придонесе за нејзино зајакнување.


