
Органите и телата на СДСМ следната недела ќе расправаат за учеството на пратеничката и поранешна министерка за одбрана Славјанка Петровска на настанот „Разговори за иднината во 12:05“, на кој беше промовирана нова демократска платформа за општествена дебата.
Ова го соопшти претседателот на СДСМ, Венко Филипче, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе бара одговорност од Петровска поради нејзиното присуство на настанот и дали разговарал со неа за причините поради кои јавно ги критикува состојбите во партијата.
„Во однос на конкретното прашање, ќе одговорам конкретно – органите на партијата ќе дебатираат во текот на следната недела“, изјави Филипче.
Славјанка Петровска беше меѓу учесниците на платформата заедно со членови на СДСМ од различни генерации, граѓански активисти, аналитичари, професори и правници. Во изминатиот период таа неколкупати јавно предупреди дека партијата мора да се менува, оценувајќи дека „ако не се промениме, ќе исчезнеме“.
Филипче истакна дека платформата не ја гледа како независна иницијатива, туку како политички проект зад кој, според него, стои премиерот Христијан Мицкоски.
„Јас не би ги коментирал проектите на Христијан Мицкоски. Жал ми е што дел од другарите се откажаа од партијата, од својата идеологија. Тоа е веќе видено. Тоа е претходниот проект ЗНАМ кој постепено пропаѓа. Ист е организаторот и ист е финансиерот“, рече лидерот на СДСМ.
На новинарска забелешка дека на платформата учествувале и новинари, аналитичари и јавни личности кои важат за критичари на актуелната власт, Филипче одговори дека не ги смета за непријатели и дека е отворен за дебата, но нагласи дека политичките несогласувања треба да се решаваат во рамките на партијата.
Според него, ваквите иницијативи единствено можат дополнително да ја ослабнат СДСМ и да придонесат за фрагментирање на опозицијата.


