
Службеното возило „Ауди А6“, кое со години го користеше поранешниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко, е продадено на јавна аукција за 1.350.000 денари, односно за околу 22.000 евра.
Според информациите на телевизијата Алсат, новиот сопственик на автомобилот е лице од битолското подрачје.
Актуелниот градоначалник на Струга, Менди Ќира, потврди дека средствата од продажбата ќе бидат искористени за отплата на дел од стариот долг на Општина Струга. Продажбата на службениот автомобил беше едно од првите ветувања што Ќира ги даде по преземањето на функцијата.
Во меѓувреме, возилото беше запленето од извршител од Охрид поради финансиските обврски на општината. Претходно беше најавено дека почетната цена на аукцијата ќе изнесува 10.000 евра.
„Ауди А6“ било набавено пред шест години и во изминатиот период беше едно од најспоменуваните службени возила во јавноста, поради неговото користење од страна на поранешниот градоначалник Рамиз Мерко.

