
Во текот на 2025 година во државата биле регистрирани вкупно 911 бесправно изградени објекти, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.
Најголем дел од дивоградбите се објекти за домување – вкупно 169 или 18,6 проценти од сите регистрирани случаи. Од нив, 128 се исклучиво станбени објекти, 24 се претежно станбени, додека 17 се објекти за одмор и рекреација.
Покрај станбените објекти, значителен број од регистрираните дивоградби се однесуваат и на огради, кои сочинуваат 18 проценти од вкупниот број, односно 164 објекти.
Статистиката покажува дека бесправно биле изградени и 116 деловни објекти или 12,7 проценти, како и 113 натстрешници, што претставува 12,4 проценти од вкупниот број.
Во категоријата доградби, надградби и адаптации биле евидентирани 110 случаи или 12,1 процент, додека 106 се помошни објекти, што претставува 11,6 проценти.
Меѓу регистрираните дивоградби има и 79 гаражи (8,7 проценти), 22 летни тераси (2,4 проценти), 17 времени објекти (1,9 проценти), девет скалила (1 процент) и шест тераси, односно 0,7 проценти од вкупниот број.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат и дека дури 96,1 процент од бесправно изградените објекти биле во приватна сопственост, што укажува дека нелегалната градба и натаму е најизразена кај физичките лица и приватните инвеститори.

