Утрински Весник
Магазин

Почина Сашо Миленковски – човекот што остави неизбришлива трага во македонскиот театар

Sasho milenkovski.jpg

Режисерот и драматург Сашо Миленковски почина на 63-годишна возраст, потврди Драмски театар – Скопје. Со неговото заминување, македонската културна сцена загуби еден од најзначајните и највлијателни театарски творци, чија работа остави длабок белег врз современиот театар во земјата и регионот.

Во текот на својата богата кариера, Миленковски реализира повеќе од педесет режии на сцените во Македонија, поранешна Југославија и Европа. Неговата професионална патека започна уште пред дипломирањето на Факултетот за драмски уметности во Скопје, кога се приклучи на мултинационалниот проект КПГТ во Суботица, кој во периодот од 1988 до 1991 година прерасна во една од најзначајните сцени за современи театарски експерименти и меѓународна соработка.


Творештвото на Миленковски се одликуваше со исклучителна разновидност – од класични дела на Шекспир, Молиер, Достоевски и Бекет, до современи драмски текстови, при што особено место зазема неговата поддршка и афирмација на современата македонска драма.

Меѓу неговите најзначајни режии е праизведбата на претставата „Балканот не е мртов“ од Дејан Дуковски во Битолскиот народен театар во 1992 година. Претставата освои четири награди на фестивалот Војдан Чернодрински и беше изведена на фестивалите Охридско лето и Млад отворен театар. Со оваа претстава, како и со „Буре барут“, поставена во Македонски народен театар во 1994 година, Миленковски даде огромен придонес во меѓународната афирмација на Дуковски.

Во својата кариера успешно ги постави и драмите „Тетовирани души“, „Црна дупка“ и „Баханалии“ од Горан Стефановски, како и „Лични огласи“ од Братислав Димитров. Значаен дел од неговото творештво се и претставите „Кандид во земјата на чудата“, „Кинегонда во Карлаленд“ и „Јов“ од Венко Андоновски.

Како автор, Миленковски ги создаде и сценските проекти „Коледе“, „Гејм овер“ и „Ова не е американски филм“, а неговиот придонес кон независната сцена беше заокружен со основањето на театарот „Бабилон“ во 1999 година.

Во периодот од 2006 до 2010 година ја извршуваше функцијата директор на Македонскиот народен театар, а од 2010 година беше драматург во Драмски театар – Скопје, каде активно учествуваше во создавањето на современиот репертоар.

Само пред неколку месеци, годинава, Миленковски ја доби Наградата за животно дело на фестивалот „Војдан Чернодрински“ – признание што претставува круна на неговата повеќедецениска посветеност кон македонскиот театар.

Можете да прочитате

Внимавајте на нискиот притисок во лето: Опасноста од нагли падови е реална!

Дневен хороскоп за 29 Јуни 2026 година

Вака изгледаше летувањето во Југославија – без телефони и без стрес