
Пишува: Проф. Д-р Иван Анастасовски
Во последните децении македонскиот политички простор се соочува со изразена криза на доверба осбено во политичките партии кои силно настојуваат да ја партизираат државата. Токму поради тоа, одредени истражувања на јавното мислење, покажуваат ниската политичка партиципација и растечката апатија особено кај младата популација и исто така се укажува на постоење на сериозен јаз меѓу граѓаните и политичките институции. Во такви околности, прашањето не е дали постои нова политичка енергија во Македонија, туку како таа да биде препознаена, организирана и насочена кон конструктивни општествени промени.
Политичката енергија претставува збир на идеи, иницијативи и општествена мотивација што произлегуваат од потребата за промена. Таа најчесто се појавува во периоди кога граѓаните чувствуваат дека постојните политички структури не ги адресираат нивните реални потреби. Во Македонија, ова чувство е особено изразено поради долгогодишните проблеми поврзани со корупцијата, партизацијата на институциите, економската несигурност и масовното иселување на младите.
Сепак, новата политичка енергија не треба да се поистоветува само со појава на нови политички субјекти или нови политички лидери, туку напротив, историјата покажува дека промената не произлегува исклучиво од нови лица, туку од нови модели на политичко дејствување. Затоа, првиот предуслов за канализирање на оваа енергија е создавање простор за активно учество на граѓаните во процесот на донесување одлуки. Локалните иницијативи, граѓанските форуми и дигиталните платформи можат да станат механизми преку кои граѓаните ќе ја изразуваат својата волја и ќе влијаат врз јавните политики.
Особено значајна е улогата на младите луѓе, тие претставуваат генерација која најсилно ги чувствува последиците од институционалната стагнација, но истовремено располага со знаење, иновативност и европски перспективи. Наместо да бидат третирани како пасивни набљудувачи или гласачка база, младите треба да бидат вклучени како рамноправни чинители во политичкиот и општествениот живот.
Дополнително, канализирањето на новата политичка енергија бара јасна визија за иднината. Политиката не смее да се сведува на постојана конфронтација и меѓусебни обвинувања. Граѓаните очекуваат конкретни решенија за економскиот развој, квалитетот на образованието, ефикасноста на здравствениот систем и владеењето на правото. Токму затоа, политичките актери што сакаат да ја претставуваат новата енергија мора да понудат реални и остварливи политики наместо популистички ветувања.
Исто така, сериозен проблем е што кај нас политиката долго време се сведува на етнички калкулации и партиска лојалност, наместо на идеи и програми. Затоа секоја нова политичка иницијатива брзо се соочува со две опасности или да биде апсорбирана од стариот систем или да стане уште едно разочарување.
Нова политичка енергија би можела да успее во случај само ако понуди три работи што денес најмногу недостасуваат, а тоа е: искреност наместо политички театар, компетентност наместо партиски вработувања и визија наместо постојана криза.
Конечно, најголемиот предизвик останува обновувањето на довербата особено во институциите на системот. Без доверба во институциите, ниту една политичка иницијатива не може да обезбеди долгорочен успех. Транспарентноста, отчетноста и професионализмот треба да станат основни принципи на секое политичко дејствување.
Новата политичка енергија во Македонија веќе постои, таа се наоѓа кај младите, кај активните граѓани, кај интелектуалците и кај сите оние што веруваат дека државата може да функционира многу подобро од ова што е сега. Вистинскиот предизвик не е нејзиното создавање, туку нејзиното канализирање во одржливо движење што ќе ја трансформира политичката култура и ќе придонесе за посилна, подемократска и поуспешна Македонија интегрирана во големото европско семејство.


