Утрински Весник
Спорт

Босна и Турција се селекциите што можат да направат сензација, смета Александар Таневски

Screenshot 2026 06 10 234847 1280x720 1.jpg

Новопечениот носител на највисоката УЕФА Про лиценца и македонски фудбалски стратег Александар Таневски беше гостин во премиерното издание на „Мундокаст“ на 4ТВ, каде направи детална анализа на фаворитите, потенцијалните изненадувања и факторите кои би можеле да го одбележат претстојното Светско првенство во Северна Америка.

Според Таневски, ако се анализираат тактичката поставеност, организацијата на играта и колективниот квалитет, Шпанија во моментов е репрезентацијата која најмногу се издвојува.


„Шпанија, според мене, е тактички и екипно најдобро структурираната репрезентација во овој момент. Под водство на Де ла Фуенте имаат јасна визија, одличен баланс и препознатлив стил на игра. Веднаш зад нив ги гледам Франција на Дидие Дешам и Бразил, кој сега го предводи Карло Анчелоти. Тоа се селекции што имаат тренери со огромен авторитет, кои знаат како да управуваат со екипи исполнети со светски ѕвезди“, изјави Таневски.

Сепак, македонскиот тренер смета дека на шампионатот нема да пресудува само квалитетот на теренот. Голема улога, според него, ќе имаат климатските услови, долгите патувања и напорниот распоред.

„Фудбалерите ќе играат во три различни временски зони и ќе се соочат со сосема различни климатски услови. Не е исто да настапувате на температура од 38 степени со висока влажност, а неколку дена подоцна да играте на 18 степени. Тоа претставува огромен шок за организмот и сериозен предизвик за регенерацијата. Повеќето играчи пристигнуваат по долги и исцрпувачки клупски сезони, па физички и психолошки веќе се на граница. Токму затоа ваквите детали можат целосно да ја сменат сликата на првенството“, потенцира Таневски.

Во својата анализа тој се осврна и на селекциите кои би можеле да приредат изненадување и да ги нарушат плановите на големите фаворити.

„Босна и Херцеговина под водство на Сергеј Барбарез има интересен проект и ако ја мине групната фаза, понатаму сè е можно. Во нокаут-фазата често одлучуваат детали. Би ја издвоил и Турција. Винченцо Монтела изгради препознатлив систем на игра кој комбинира модерни и традиционални тренерски принципи. Во тимот се чувствуваат позитивната атмосфера, меѓусебната доверба и големата самодоверба, што ги прави исклучително опасен противник“, оцени македонскиот стратег.

Таневски заклучува дека токму непредвидливите околности, климатските разлики и физичката подготвеност ќе бидат факторите што ќе го направат Мундијалот во Северна Америка еден од најнеизвесните во последните години, без разлика на имињата и квалитетот на фаворитите.

Можете да прочитате

СП 2026: Властите на Мексико ќе распоредат 1.700 полицајци на отворањето

Почнува Светското фудбалско првенство 2026

Матеј Николов за искуството во Атлетико: Таму навистина се живее за фудбалот