Утрински Весник
Македонија

Томовски: Претседателката веќе не живее во дивоградба – државните вили се легализирани

Img 5947.jpeg

Долгогодишниот проблем со правниот статус на државните вили и резиденции конечно добива разрешница, откако Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) успеала да ги легализира овие објекти. Ова во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ го потврди директорот на СОЗР, Ивица Томовски, кој најави и сериозни градежни зафати за обнова на запуштениот државен имот.

На прашањето дали претседателката на државата сè уште престојува во објект без соодветна документација, Томовски одговори дека државните резиденции веќе се целосно легализирани.

„Не, тие објекти веќе имаат имотен лист. Имотот се води на Република Македонија, со право на трајно користење на Службата за општи и заеднички работи. Тоа беше клучен чекор, бидејќи за да можете да започнете со реновирање и ставање во функција на овие објекти, тие мора прво да бидат легализирани“, изјави Томовски.

Тој објасни дека дури по завршувањето на легализацијата, институциите можат законски да објавуваат тендери за проектирање и реконструкција и да ангажираат компании со соодветни лиценци.

Како приоритет во моментов се издвојуваат државните резиденцијални капацитети во Охрид, кои со години биле оставени без грижа и одржување.

Според Томовски, посебно критична е состојбата со вилите во Свети Стефан, каде два објекти биле целосно запуштени.

„Просторот околу вилата во Свети Стефан сега е исчистен и среден. Пристапивме кон проектирање за да утврдиме дали статиката на објектот е добра и да видиме што сè точно треба да се промени. Очекувам до крајот на овој месец или почетокот на јуни веќе да ги имам во раце готовите проекти“, рече Томовски.

Тој откри дека премиерската вила и депандансите исто така се во фаза на подготовка за реконструкција, додека за претседателските резиденции во Скопје и Охрид дополнително ќе се одлучува по ребалансот на буџетот.

„Размислуваме за реконструкција и на претседателската вила. Сè ќе зависи од тоа како ќе поминеме на претстојниот ребаланс на буџетот и со колку средства ќе располагаме. Резиденциите и во Охрид и во Скопје се во навистина многу лоша состојба“, истакна директорот на СОЗР.

Според него, дел од државните објекти се буквално руинирани, а најкритична е состојбата во санитарните јазли и кујните.

„Генерално, цели објекти се руинирани, но тоалетите и кујните се во посебно хаотична состојба“, заклучи Томовски, најавувајќи дека државата повеќе нема да дозволи нејзиниот репрезентативен имот да пропаѓа.

Можете да прочитате

Камионот што ја предизвика трагедијата на обиколницата влегол регуларно преку „Блаце“

Томовски: Протекува покривот, канцеларии не се кречени 50 години – следува целосна санација на МРТВ и нови гаража за 500 возила

Томовски: Со чести автобуски линии и поддршка од агенциите го спасуваме „Македонско село“ од пропаѓање