Утрински Весник
Македонија

Филипче: Прегледувам пациенти секој ден, а еднаш неделно влегувам во операциона сала

Venko filipce 360 1.jpeg

Во интервју за емисијата „360 степени” на МРТ, претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче,  откри дека и покрај политичките обврски, секојдневно работи со пациенти, а еднаш неделно влегува и во операциона сала. Филипче посочи дека никогаш не ја напуштил својата професија како неврохирург, а воедно нагласи дека како професор е активно вклучен и во наставниот процес на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” , каде што држи предавања и испити за студентите.

„Прегледувам пациенти секој ден, доаѓаат луѓе за консултација, мислења, а еднаш неделно влегувам во операциона сала. Држам и предавање и испити. Јас предавам васкуларна, неврохирургија, траума и сега функционална. Ние имаме еден специфичен начин, поделени се студентите од петта година во повеќе групи, точно се знае во семестарот кога се предавањата”, изјави Филипче.


Говорејќи за предизвиците во медицината и политиката, Филипче нагласи дека и двете професии ги обединува желбата да им се помогне на луѓето.

„Предизвикот е на двете места еднаков. Во едната ситуација се спасуваат животите и веднаш се видливи резултатите. Во другата ситуација, во политичкиот живот, резултатите доаѓаат малку подоцна. Меѓутоа, што ги обединува двете работи? Желбата и волјата да им се помогне на луѓето. И сметам дека политиката дава дополнителни инструменти преку имплементирање и креирање на политики, да повеќе луѓе видат бенефит, повеќе луѓе конечно живеат подобро и во држава како што замислувале со децении наназад”, изјави Филипче.

Во интервјуто, Филипче нагласи дека и покрај честите коментари дека има „златна професија”, тој никогаш не ја напуштил неврохирургијата и верува дека политиката може да биде чесна професија.

„Јас не сум ја напуштил мојата професија. Јас неврохирургијата не сум ја напуштил. Јас не би рекол дека политиката е лоша професија. Лоша е перцепцијата поради лошите практики кои што се имплементираат на пример сега. И да бидам целосно фер, со години наназад и тоа е мојот предизвик. Конечно да се сменат работите. Да знаат луѓето дека и политиката може да е чесна професија, да се работи за доброто на луѓето, а не за сопствен бенефит”, порача Филипче.

Можете да прочитате

УХМР предупредува: Невреме, пороен дожд и силен ветер ја очекуваат Македонија оваа седмица

ВЛЕН: ДУИ 20 години манипулираше со употребата на албанскиот јазик

Македонија ќе биде домаќин на состанокот „Брдо-Бриони“ во октомври