Утрински Весник
Македонија

Филков: Оптимизацијата на судската мрежа е клучна за поефикасно правосудство и поголема правна сигурност

Image 2026 05 15 155530209.png

Министерот за правда, Игор Филков денеска се обрати на стручната расправа посветена на измените и дополнувањата на Законот за судовите, при што истакна дека реформите во правосудството мора да бидат суштински, добро анализирани и креирани преку широк и инклузивен дијалог.

Во своето обраќање, министерот нагласи дека измените на Законот за судовите се дел од поширок реформски процес чија цел е создавање побрз, поефикасен и подостапен судски систем, што ќе обезбеди поголема правна сигурност и враќање на довербата на граѓаните во институциите.

„Реформите во правосудството не смеат да бидат само формални и декларативни. Тие мора да донесат реални подобрувања во функционирањето на судскиот систем и поквалитетна правда за граѓаните”, истакна министерот Филков.

Посебен акцент беше ставен на оптимизацијата на судската мрежа, која се предлага со законските измени. Постојната организација на судовите е создадена во поинакви општествени и демографски услови постојат сериозни нерамнотежи во распределбата на предметите и капацитетите на судовите.

Предложените решенија предвидуваат дел од судовите да се трансформираат во судски одделенија, со цел поефикасно искористување на човечките и материјалните ресурси, подобра распределба на предметите и поефикасно управување со судските постапки.

Министерот потенцираше дека овие промени нема да значат намалување на пристапот до правда за граѓаните, туку напротив – обезбедување побрза, поефикасна и поквалитетна судска заштита. Судските одделенија ќе продолжат да функционираат локално, а организациското поврзување со поголемите судови ќе овозможи подобра координација и воедначување на судската пракса.

Во рамки на реформите се предлагаат и мерки за подобрување на работата на апелационите судови, со цел поефикасно постапување по жалби и намалување на заостанатите предмети.

Министерот Филков истакна дека сите предложени решенија се темелат на сериозни анализи, податоци и проценки на реалните потреби на судовите и граѓаните.

Тој упати порака дека успешноста на реформите ќе зависи не само од законските измени, туку и од нивната доследна и одговорна примена во пракса.

Можете да прочитате

Савески и Палминтери на средба за зајакнување на соработката во владеењето на правото

Фондот бара решение за техничките проблеми при исплата на породилното боледување

Aпел за собирање парични средства за операција на Нина