Утрински Весник
Македонија

Муцунски: Западен Балкан да престане да биде „сива зона“ на Европа, да се оттргнеме од билатерализацијата на пристапните критериуми

Photo 2026 05 11 08 39 49.jpg

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Брисел учествува на Советот за надворешни работи на Европската Унија, со кој претседавa високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.

Во изјава дадена пред почетокот на Советот, министерот Муцунски истакна дека проширувањето е императив и за Европската Унија и за земјите кандидати, нагласувајќи дека станува збор за тоа Западен Балкан да престане да биде „сива зона” на Европа и да се создаде група држави со јасен и кредибилен пат кон членство.


Тој посочи дека државата постигнала конкретни резултати во спроведувањето на Реформската агенда, особено во последните месеци, нагласувајќи дека Северна Македонија е 100% усогласена со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што, како што истакна, ја потврдува не само посветеноста на реформите, туку и јасната стратешка ориентација кон членство во Унијата.

„Нашата порака до земјите членки е повеќеслојна. Потребно е да се оттргнеме од билатерализацијата на пристапните критериуми, но и да се засили ангажманот за прашања кои одат и пошироко од самиот процес на проширување, особено во областите на безбедноста и одбраната, економијата и трговијата, енергетската безбедност, безбедноста на храната и дигитализацијата”, истакна министерот Муцунски.

Во рамки на агендата на Советот се дискутираше за односите на Европската Унија со Западен Балкан, при што разговорите беа насочени кон актуелните надворешно-политички и безбедносни прашања од заеднички интерес, со посебен акцент на натамошното јакнење на соработката во областа на надворешната, безбедносната и одбранбената политика, руската агресија врз Украина, како и пошироките регионални последици од актуелните глобални случувања.

Во своето обраќање, министерот Муцунски ја истакна силната определба на државата да биде доверлив партнер на Европската Унија во справувањето со актуелните геополитички предизвици. Притоа, ја нагласи конзистентната усогласеност на државата со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како и подготвеноста за натамошно продлабочување на соработката во оваа област.

Воедно, министерот се осврна и на важноста од вклучување на регионот во иницијативите на Европската Унија насочени кон јакнење на колективниот капацитет и отпорноста на надворешни безбедносни закани.

Посебен фокус во дискусиите беше ставен и на процесот на проширување на Европската Унија во актуелниот геополитички контекст, при што беше нагласено дека проширувањето претставува стратешка инвестиција за долгорочната стабилност и безбедност на регионот и Европа.

Можете да прочитате

Одложено судското рочиште за „Онкологија“, следното на 1 јуни 

Со навремена дијагноза и подготовка, мајчинството е можно и со автоимуни заболувања

Мицкоски: Коридорите 8 и 10 наш најголем приоритет, неделава тендер за гасоводот со Србија