
Идентификуван е нулта пациентот кој се разболел од хантавирус на крузерот „MV Hondius“, а станува збор за 70-годишен Холанѓанец кој бил орнитолог, како и неговата сопруга, со која патувал во неколку јужноамерикански земји, објави телевизијата BFM.
Холандски орнитолог и неговата сопруга починаа, а парот наводно посетил аргентинска депонија за да набљудува ретка птица.
Холанѓанецот Лео Шилперорд, кој прв покажа симптоми на хантавирус, беше првата жртва на вирусот и почина на 11 април на бродот „MV Hondius“, крузер на кој се качил со својата сопруга Миријам. Таа почина 15 дена подоцна од истиот вирус.
Двојката била од Хаулервијк, град со 3.000 жители, а нивните некролози, напишани од пријатели и соседи, биле објавени во локалниот весник.
Двајцата пензионери долетаа во Аргентина на 27 ноември за да започнат петмесечна турнеја низ Јужна Америка, која ги однесе во Чиле и Уругвај пред да се вратат во Аргентина.
Лео и Миријам Шилперорд биле страствени орнитолози и го користеле патувањето за набљудување птици, објави „Њујорк пост“. Двојката пишувала статии од оваа област за холандски специјализирани списанија.
За време на нивната втора посета на Аргентина, двојката наводно отишла на депонија во близина на градот Ушуаја за да набљудуваат одреден вид птица, белогрлата карака, која се наоѓа само во Чиле и Аргентина.
Локалните жители наводно ја избегнувале депонијата, но местото е популарно кај набљудувачите на птици од целиот свет, бидејќи птиците доаѓаат таму да се хранат. На тоа место има и купишта ѓубре, кои се сметаат за омилен извор на храна за глодарите – преносители на хантавирус.


