Утрински Весник
Свет

Трамп: Можеби ќе преместам војници од Германија во Полска

Amerikanski vojnici.jpg

Американскиот претседател Доналд Трамп, изјави дека би можел да премести американски војници од Германија во Полска, додека Пентагон подготвува повлекување на околу 5.000 американски војници од Германија во текот на следната година.

„На Полска би и се допаднало тоа“, им рече Трамп на новинарите кога беше прашан за можноста.


„Имаме одлични односи со Полска. Имам одлични односи со претседателот. Многу го ценам, па затоа е можно“, додаде тој.

Пентагон потврди претходно овој месец дека САД ќе повлечат 5.000 војници од воените бази во Германија, спроведувајќи ја заканата што Трамп ја упати по судирот со германскиот канцелар Фридрих Мерц околу војната со Иран. Трамп потоа предупреди дека Пентагон би можел „да го намали бројот на војници за многу повеќе од 5.000“.

Полскиот претседател Карол Навроцки изјави во средата дека Полска е подготвена да ги прифати американските војници повлечени од Германија и дека тој лично ќе лобира кај Трамп да ги испрати во Источна Европа.

Полскиот премиер Доналд Туск во понеделникот предупреди дека Варшава не треба да „киднапира“ војници од своите сојузници. Полскиот министер за одбрана и лидер на конзервативната Полска народна партија Владислав Косиниак-Камиш денеска ги поздрави изјавите на Трамп.

„Полско-американскиот сојуз е темел на нашата безбедност. Полска е подготвена да прифати повеќе американски војници со цел да го зајакне источното крило на НАТО и да обезбеди уште подобра заштита на Европа“, напиша тој на социјалната мрежа X.

Можете да прочитате

Маѓар положи заклетва и стана нов унгарски премиер

Песков: Германија оди по многу опасен пат

Фицо присуствуваше на парадата во Москва