Утрински Весник
Македонија

Свечено отворен македонскиот павилјон на 61. Венециско биенале

Bienale 3.jpg

Во просторот со силна духовна и историска меморија „Ex Capella Buon Pastore”,вчера свечено беше отворен македонскиот павилјон во рамките на 61. издание на најпрестижниот светски настан од областа на современата уметност – Биеналето на уметноста во Венеција.

На свечената промоција на годинашниот национален претставник, проектот „Пиета во прекривките на ургентноста/Will my eyes be closed or open?” од уметникот Велимир Жерновски, во кураторска поставка на Тихомир Топузовски и Аманда Бецкес, пред присутните се обрати државниот секретар во Министерството за култура и туризам,Марија С. Ѓоргова.


Ѓоргова во своето обраќање истакна дека учеството на Република Македонија претставува „јасна потврда дека македонската култура има што да каже на јазикот на современата уметност”.

Говорејќи за делото на Жерновски, Ѓоргова посочи дека станува збор за силен и слоевит уметнички израз, во кој класичниот мотив на Пиета е трансформиран во современ визуелен јазик што ги поврзува историското наследство и актуелните состојби во светот.

Таа ја истакна и симболиката на „златните” заштитни фолии, кои, како што рече, се истовремено и заштита и аларм, потсетник на времето на кризи, но и на потребата човечноста повторно да биде осмислена.

Според Ѓоргова, поставувањето на македонскиот павилјон во „Ex Capella Buon Pastore” му дава дополнителна димензија на делото, кое „станува мост меѓу минатото и сегашноста, меѓу интимното и универзалното”.

Ѓоргова се осврна и на концептот на годинашното издание на Биеналето, под кураторство на Којо Куо и со наслов „In Minor Keys” (Во молски тоналитет), нагласувајќи дека оваа тема отвора простор за тивки, суптилни и често занемарени приказни, кои повикуваат на емпатија, размислување и суштински отпор во време на глобални предизвици.

На годинашното 61. Биенале на уметноста учествуваат над сто уметници и се претставени над 80 национални павилјони од целиот свет, кои преку разновидни медиуми и пристапи ги адресираат клучните теми на денешницата – од миграции и климатски промени до политички конфликти и идентитетски прашања.

Можете да прочитате

Мицкоски: Не смееме да дозволиме подвигот на загинатите борци да биде заборавен или релативизиран

Претреси во Гостивар, пронајдени дрога и оружје, приведени три лица

Мицкоски: Европа е нашиот единствен пат, треба да разговараме за решенија со кои ќе одиме напред