
Проблемите со јавниот превоз и загадувањето во поголемите градови низ државата ќе се решаваат преку масовна набавка на еколошки возила. Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, во интервју за емисијата „Ноќно студио“ на 4TV.mk потврди дека постапката за набавка на 150 електрични автобуси е во својата завршна фаза.
Според Николоски, инвестицијата е дел од пошироката стратегија на Владата за поддршка на општините и подобрување на локалната инфраструктура, за што во 2025 година се предвидени рекордни 250 милиони евра.
„Постапката за набавка на 150 електрични автобуси е при крај и моментално е во жалбена фаза. Планот е јасен: градот Скопје ќе добие 100 нови електрични автобуси, додека останатите 50 автобуси ќе бидат распределени низ општините во внатрешноста кои веќе имаат организиран јавен превоз. Ова е директен одговор на барањата на граѓаните за подобра поврзаност и почист воздух,“ изјави Николоски.
Министерот нагласи дека ова е само дел од пошироката поддршка што Владата ја обезбедува за локалните самоуправи, со цел да се надмине долгогодишното неинвестирање во градовите надвор од главниот град.
„Оваа влада е првата што дава толку сериозни средства за општините. Почнавме со 100 милиони евра во 2024 година, а следната година таа сума ќе изнесува 250 милиони евра. Сакаме секој град, од Битола и Кичево до Кочани и Велес, да ја почувствува промената,“ истакна вицепремиерот.
Тој додаде дека Владата размислува и за воведување субвенции за граѓаните за набавка на електрични автомобили, како дел од зелената транзиција и модернизацијата на транспортот.
„Покрај автобусите, размислуваме и за воведување субвенции за електрични автомобили, бидејќи тоа е иднината кон која се движиме,“ порача Николоски.
На крајот, министерот оцени дека со новите автобуси, модернизираните патишта и најавените железнички инвестиции, Македонија ќе добие „комплетно нова приказна“ во делот на мобилноста и квалитетот на животот на граѓаните.



