Утрински Весник
Скопје

Назначен заменик градоначалник на Карпош, се шпекулира за повлекување на Лукровски?!

Adsiz tasarim 14.jpg

Политичките тензии во Општина Карпош се зголемуваат по информациите дека актуелниот градоначалник Сотир Лукровски размислува за повлекување од функцијата, само шест месеци по преземањето на мандатот.

Дополнителни сомнежи предизвика одлуката Лукровски да го назначи советникот Неделчо Крстевски од ВМРО-ДПМНЕ за заменик-градоначалник, кој во негово отсуство ќе може законски да ги извршува сите надлежности.


Според неофицијални информации и доброупатени извори, во владејачката партија постои сериозна загриженост дека евентуална оставка на Лукровски би можела да доведе до нови избори, на кои ВМРО-ДПМНЕ тешко би ја задржала Општина Карпош.

Токму затоа, како што се тврди, поставувањето на Крстевски се гледа како обид општината и натаму да остане под контрола на партијата без отворање на нов изборен процес.

Поранешниот градоначалник на Карпош, Стевчо Јакимовски, жестоко реагираше на ваквите информации, оценувајќи дека општината е во „целосна парализа“ и дека граѓаните не добиле функционален градоначалник.

„Не може Карпошани да гласаат за еден човек, а потоа партијата да им поставува друг да управува со општината. Одговорноста не смее да исчезне зад партиски штабови, секретари и советници“, напиша Јакимовски на Фејсбук.

Тој обвини дека Карпош веќе шест месеци се соочува со застој во работата, минимални приходи и нереализирани проекти, иако дел од нив добиле поддршка и од Владата.

Јакимовски дополнително го критикуваше Лукровски, велејќи дека уште од почетокот покажувал несигурност и неподготвеност за водење на општината.

„Карпош не доби градоначалник, туку колективно претседателство. Имаме секретари, супервизори, адвокати и советници што управуваат, а градоначалникот го нема“, порача тој.

Во својата реакција, Јакимовски оцени дека граѓаните на Карпош биле излажани за време на изборната кампања и дека општината не смее да биде „партиски експеримент“.

Можете да прочитате

Надлежностите во Карпош привремено ги презема Крстевски, Лукровски на боледување е велат од општината

Жичницата на Водно стопирана: Од денот кога е пуштена во употреба, жичницата не била сервисирана

Во недела поради улична трка посебен режим на сообраќај во Скопје