
Пишува: Јове Кекеновски
Во Македонија очигледно не е важно дали си бил известен. Не е важно дали си го примил решението. Не е важно дали доставата била законска. Важно е само некој да стави печат дека нешто е „правосилно“, а потоа извршителот да тропне на врата или уште полесно, директно на сметка. Ако граѓанинот се обиде да се брани, тогаш започнува вистинската претстава на македонската „правна држава“.
Во конкретен случај, човек дознава дури во 2026 година дека против него постои нотарски платен налог од 2020 година. Шест години никој не се потрудил реално да го извести должникот дека постои долг. Шест години никој не се запрашал дали човекот воопшто знае дека некаде му тече затезна камата. Шест години системот му дозволи некому да молчи, за на крај да се разбуди како хиена кога ќе дојде време за присилна наплата.
И за што? За долг од околу 400 денари. Да, добро прочитавте цели четиристотини денари. Во држава во која милиони исчезнуваат без одговорност, институциите покажуваат неверојатна и агресивна ефикасност кога треба да нападнат граѓанин за 400 денари на име камата за задоцнето плаќање на неколку сметки за вода. Значи за веќе платени сметки, но ете тие биле платени некој ден подоцна.
Но најморбидниот дел доаѓа потоа. Кога граѓанинот бара доказ како била извршена доставата, нотарот службено му одговара дека документацијата повеќе не постои.
Предметот бил уништен согласно правилник за архивирање….!!!!!!! Да предмет со целата документација е поништен.
Значи: нема списи, нема доказ, нема увид, нема потврда дека доставата воопшто била законска, нема начин човекот да провери што се случувало. Но има правосилност. Има извршување. Има блокади. Има трошоци од речиси 8.000 денари за долг по основ на затезна камата од 400 за задоцнето плаќање.
И како врв на цинизмот, па дури и на самоволието има и дополнителна наплата од 750 денари за тоа што нотарот му испрати писмо на должникот во кое практично му соопштува: „Немаме документација. Не можеме да провериме ништо. Но сепак ти наплаќаме за овој одговор.“ Е тоа веќе не е бирократија. Тоа е институционално исмевање на граѓанинот.
Уште поболно е што овојпат писмото магично стигнува на точната адреса истата онаа на која човекот бил пријавен цел живот. Значи кога требало да се извести за долг по однос на задоценто плаќање адресата била „непозната“, се доставува на друга адреса на која никој поточно должникот не живее. Кога треба да се наплатат дополнителни 750 денари за побаран одговор истото сега стига на точната адреса.
Невидена перверзија на системот. И после некој ќе каже дека граѓаните ја губат довербата во институциите без причина. Ова да го слушаш можеби и нема да го поверуваш, а доколку ти се случи тогаш сигурно ќе се запрашаш, зарем и дали ова е можно?!.
Во секоја нормална држава, ако институцијата нема доказ дека уредно те известила, постапката паѓа. Кај нас е токму спротивното. Кај нас граѓанинот треба да докажува дека НЕ добил нешто за кое институцијата нема доказ дека воопшто го испратила. Тоа е како некој да те осуди, а потоа да ти каже дека доказите се уништени но пресудата останува.
И тука не се виновни само нотарите или извршителите. Вистинската одговорност е кај политичарите и пратениците што со години носат закони скроени не за правда, туку за административна присила. Создадоа систем во кој печатот вреди повеќе од вистината, од реалната состојба а граѓанинот е беспомошен пред затворениот круг од нотари, извршители и бирократија.
Тие собраниски п(л)ратеници со несамомислечко, туку по наредба кревање два прста, создадоа законски механизам во кој: можеш никогаш да не бидеш известен; документацијата може да исчезне; роковите да ти истечат без да знаеш; а потоа нотарот и институцијата да те третираат како некој што бегал од обврски.
Тоа не е правна држава. Тоа е административен рекет легализиран со закон.
Особено навредливо е што сето ова формално се нарекува „законито“, само затоа што некој правилник дозволувал уништување на списи по неколку години. Значи нотарот има право да ги уништи доказите, но нема обврска да ја докаже вистината.
А граѓанинот? Е тој има само обврска да плаќа и многу да не бранува зошто ќе мора и дополнително да плати за секое побарано објаснување.
Во ваков воспоставен систем правдата не зависи од фактите. Зависи од тоа дали некој ставил печат кога му текнало на умот, па нека било тоа и по повеќе од 6 години.
И токму затоа јавноста конечно мора да почне да прашува:
Како може предмет да биде правосилен ако нема доказ за уредна достава?
Како може документацијата да биде уништена, а извршувањето да продолжи?
Како е можно нотарот да не чува доказ дека те известил, но да го поседува правото да ти наплати тогаш кога ќе му текне или кога ќе посака?
И најважно: До кога Собранието ќе носи закони што го штитат системот од граѓаните, наместо граѓаните од системот?
Ставовите искажани во „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „24инфо“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



