
Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, во гостувањето на 4ТВ отворено проговори за заладените односи со претседателот на СДСМ, Венко Филипче, но и за состојбите во партијата, која, според него, се соочува со сериозна внатрешна криза.
Митовски нагласи дека неговата примарна одговорност е кон граѓаните на Крива Паланка, а не кон партиските калкулации и одлуки на раководството. Тој посочи дека несогласувањето со партискиот врв најмногу произлегло од неговиот став за најавената инвестиција за рестартирање на рудникот „Луке“, поврзан со експлоатација на антимон во селата Луке и Крстов Дол.
„Мојот став е исклучиво принципиелен и воден од интересот на граѓаните. На оваа инвестиција не треба да се гледа политикански. Моја обврска е да носам одлуки што значат развој за градот, дури и ако тие не се во согласност со ставот на партијата“, изјави Митовски.
Тој оцени дека СДСМ како државотворна партија не смее да дозволи внатрешните несогласувања да се третираат како лични судири, туку како простор за дебата и преиспитување на политиките.
„Жално е што СДСМ како државотворна партија го доживеа овој изборен резултат. По секое несогласување или спротивставување на став, ние мораме да имаме капацитет за дебата во рамките на партијата, а не да реагираме со лични нетрпеливости“, рече тој.
Митовски додаде дека неговиот однос со Филипче е принципиелен и професионален, без лична заднина. Според него, директното укажување на грешките не треба да биде причина за затворање на внатрепартиската дебата.
„Јас сум избран од граѓаните на Крива Паланка и ним им одговарам. Кога се работи за јавниот интерес и економскиот развој на нашата општина, нема простор за партиско слепило“, порача Митовски.



