Утрински Весник
Македонија

Пешевски: Автопатот Кичево-Охрид е бунар без дно – милијарда евра потрошени, крај нема!

Img 3304.jpeg

Претседателот на Синдикатот за градежништво, Иван Пешевски, во емисијата 4TV „Ноќно студио“ упати жестоки критики за состојбата со најголемите инфраструктурни проекти во државата, оценувајќи дека граѓаните плаќаат енормни суми за автопати кои нема да ги користат уште најмалку две до три години.

„Граѓаните плаќаат за пат што нема да го возат уште најмалку две до три години. Цените се напумпани до неразумност, а парите наместо во квалитет и кај работниците, завршуваат во нечии туѓи џебови“, изјави Пешевски.


Тој посочи дека како човек кој 17 години ги следи процесите во градежниот сектор, гледа сериозни проблеми со реализацијата, роковите и распределбата на средствата.

Особено се осврна на автопатот Кичево-Охрид автопат, потсетувајќи дека првичната вредност на проектот за делницата од 52 километри изнесувала 525 милиони евра, но со текот на времето сумата драматично растела преку нови задолжувања и дополнителни трошоци.

Според него, најмала вина има главниот изведувач Sinohydro, а многу поголема одговорност имаат домашните структури кои земале дел од проектот, а не ја завршиле работата.

„Се гради споро за да се испумпаат што повеќе пари. Не се проблем луѓето, туку роковите и парите кои постојано исчезнуваат“, рече Пешевски, додавајќи дека и покрај интензивната работа на терен, крајот не е ни блиску.

Тој изрази сомнеж и за цената на новите делници, посочувајќи ја трасата Гостивар-Букојчани автопатска делница.

„Делница од 30 километри да чини 350 милиони евра е класичен пример за напумпана цена. Колку и да е комплексен теренот, ова покажува дека приоритетот не е граѓаните да стигнат до Охрид за два часа, туку нешто сосема друго“, алармираше тој.

Пешевски оцени дека најзагрижувачко е тоа што никој не сноси одговорност за доцнењата, пробиените рокови и енормните трошоци.

Тој порача дека работниците повторно се најголеми жртви – работат под притисок, во недели и со изменети правила, додека профитот завршува кај „избраните“.

„Ние остануваме неми при уши и слепи при очи. Гледаме како се наплаќа, а не се гради. Без поголеми плати за домашните работници и поголем ангажман на домашните компании, овој автопат ќе остане само скап споменик на неспособноста“, заклучи Пешевски.

Можете да прочитате

ЕУ известувачот тврди: Интервјуто е старо, не ја отсликува сегашната реалност на Македонија

Пешевски: Секој ден на градилиште е бинго – дали ќе се вратиш жив дома

Пешевски: Градежните камповите на странските изведувачи личат на затвор