Утрински Весник
Македонија

Пешевски: Секој ден на градилиште е бинго – дали ќе се вратиш жив дома

Img 3302.jpeg

„Никој не оди на работа за да умре, секој сака да се врати жив кај своето семејство. Но, со ваков пристап, секој нов ден на македонските градилишта е како игра на бинго – дали ќе се вратиш дома жив.“

Со овие силни зборови Иван Пешевски, претседател на Синдикатот за градежништво, ја опиша суровата реалност со која секојдневно се соочуваат работниците во вечерашното издание на „Ноќно студио“ на 4TV.


Според Пешевски, и покрај измените на законите, статистиката станува сè позагрижувачка. Наместо државата да се стреми кон европскиот стандард од нула смртни случаи, Македонија бележи во просек околу 20 загинати работници годишно и повеќе од 200 тешки повреди на работното место.

Тој посочи дека проблемот не е ограничен само на градежништвото, туку ги зафаќа и земјоделството, транспортот, текстилната и металната индустрија.

„Урбанизмот како дејност станува убиец, не само кај нас, туку и во Европа. Но кај нас проблемот е што инвестицијата во безбедноста се гледа како трошок, а не како влог во човечки живот“, истакна Пешевски.

Еден од најпотресните делови од неговото излагање беше темата за работниците „на црно“, кои по несреќа остануваат невидливи за системот.

Според него, имало случаи кога загинати работници, поради тоа што немале договор за вработување, по трагедијата биле третирани како случајни минувачи.

Пешевски обвини дека по несреќите вината често се префрла врз работникот, додека инвеститорите и надзорните органи ретко сносат одговорност.

Тој нагласи дека иако постојат колективни договори и закони за заштита при работа, дури 90 проценти од нив не се применуваат на ниво на работодавач.

„Со голо око може да се види дека повеќето градилишта во Македонија не ги исполнуваат ниту минималните законски барања“, рече синдикалниот лидер.

Пешевски посочи дека работниците често се принудени да прифаќаат небезбедни услови поради гола егзистенција. Недостатокот на заштитна опрема, неисправната механизација и отсуството на обуки, според него, се секојдневна појава.

„Трката за брз профит и големи пари за сопствениците нè доведе до тоа да имаме оштетени, раселени и, во најлош случај, мртви работници“, дециден е Пешевски.

Тој упати апел до Државниот инспекторат за труд да не реагира само по трагедија, туку да врши редовни превентивни контроли уште при самото отворање на градилиштата.

„Безбедноста не смее да биде формалност на хартија, туку реална заштита на секој човек“, порача Пешевски.

Можете да прочитате

ЕУ известувачот тврди: Интервјуто е старо, не ја отсликува сегашната реалност на Македонија

Пешевски: Автопатот Кичево-Охрид е бунар без дно – милијарда евра потрошени, крај нема!

Пешевски: Градежните камповите на странските изведувачи личат на затвор