Утрински Весник
Македонија

По години чекање конечно старт на Универзалната сала – Дали овојпат навистина ќе се заврши?

680710276 1564353271713260 3559282318264424981 n.jpg

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изврши увид во градежните работи на Универзална сала, при што истакна дека проектот конечно добива на динамика по долг период на застој и, како што рече, „перипетии од минатото“.

Тој нагласи дека реконструкцијата на објектот е дел од пошироките подготовки за проектот „Европска престолнина на културата 2028“, потенцирајќи дека Скопје има обврска навремено да ја заврши клучната инфраструктура.


„Очекувам во рамките на рокот да биде завршен овој објект бидејќи проектот ‘Европска престолнина на културата’ после сите застои конечно добива на динамика. Мораме до 2028 година комплетно да ги затвориме сите објекти“, изјави Мицкоски.

Премиерот изрази задоволство од текот на работите и уверување дека реконструкцијата ќе се реализира во предвидениот рок и во рамки на планираниот буџет. Тој им се заблагодари на сите вклучени страни – локалната власт, ресорното министерство и проектантите – за нивниот ангажман во обновата на овој значаен културен објект.

На увидот присуствуваше и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој истакна дека Универзалната сала претставува многу повеќе од објект.

„Ова е момент кој Скопје долго го чекаше. Премногу време овој процес беше закочен, а граѓаните останаа без еден од најпрепознатливите симболи на градот“, рече Ѓорѓиевски.

Според него, реконструкцијата значи враќање на културниот живот во срцето на градот и обновување на колективната меморија на скопјани.

Министерот за култура Зоран Љутков, исто така присутен на настанот, ја поздрави деблокадата на проектот, оценувајќи го како клучен чекор во културниот развој на државата.

Проектот ќе се реализира по принципот „клуч на рака“, што подразбира целосна изведба без потреба од дополнителни интервенции. Предвидениот рок за завршување е април 2028 година.

По финализирањето, Универзалната сала ќе добие современ изглед и функционалност, со што повторно ќе стане центар за концерти, театарски претстави и фестивали, а објектот ќе биде предаден во владение на Град Скопје.

Реконструкцијата на Универзалната сала се смета за еден од клучните проекти во подготовките за престижната титула „Европска престолнина на културата 2028“, со која Скопје има амбиција да се позиционира како регионален културен центар.

Можете да прочитате

Одржан Денот за високи гости на вежбата „БЛЕСОК 26″

Сиљановска-Давкова: Она што го прави НАТО со стандардите да го прави ЕУ со Копенхашките критериуми, тие треба да важат за сите

13 годишно дете нападнато од поголема група малолетници во Аеродром