Утрински Весник
Македонија

Сиљановска-Давкова: Потребна е превентивна, наместо реактивна дипломатија

Foto 2 1.jpeg

Во рамки на учеството на петтото издание на Дипломатскиот форум во Анталија, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на „Панелот на лидери” на тема: „Мапирање на иднината, управување со неизвесностите”.

Говорејќи за глобалните неизвесности, таа предупреди на растечката опасност од авторитарни тенденции и ремилитаризација, како и на сериозната криза на политичкото лидерство. За неа повеќе од кога било на светот му се потребни одговорни лидери, рано предупредување на ризиците, како и превентивна, наместо реактивна дипломатија.


Според неа, меѓународното право не може да се применува и почитува, без силни и стабилни меѓународни институции. Таа укажа на неодложната потреба од длабока реформа на ОН, но и на Европската Унија, со оглед на фактот што обете беа формирани како неопходни мировни проекти, а се соочуваат со војна.

Во врска со Западниот Балкан, Сиљановска-Давкова го реафирмираше ставот дека евроинтеграциите не се само политичко, туку и безбедносно прашање, а отпорноста на трети страни е возможна само ако сме внатре во ЕУ. Уште еднаш, укажа дека спротивно на основните европски начела и принципи, вградени во конститутивните документи на ЕУ, е членството да се условува со преговори за идентитетски прашања, култура, историја и јазик.

На панелот учествуваа претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев и премерот на Грузија, Иракли Кобахиѕе. Дискусијата ја модерираше Мевлут Чавушоглу, поранешен министер за надворешни работи, пратеник во Големото национално Собрание и шеф на турската делегација во ПС на НАТО.

Панелистите ги искажаа своите ставови за клучните глобални предизвици и неизвесности со кои се соочува меѓународната заедница во 2026 година, со фокус на прашањата за геополитичките тензии, економска нестабилност, климатските ризици, технолошките трансформации и безбедносните закани.

Се согласија дека зајакнувањето на мултилатералните институции е неопходно во градењето на поефикасен меѓународен систем. Беше истакната важноста на антиципативната дипломатија, проактивното препознавање и управување со новите ризици, како и потребата од современи стратешки рамки што ќе ја поттикнат соработката меѓу државите во справување со заедничките глобални предизвици.

Можете да прочитате

Тројца вевчанци вработени во шумско стопанство „Јабланица“ го оштетиле буџетот за 280.000 денари

Средба Андоновски – Варнс: Продлабочување на соработка со САД во кибербезбедноста и дигиталната трансформација

Македонското еколошко друштво и ЕВН Македонија го означија официјалниот старт на проектот Безбедни жици за загрозени птици