
Именувањето на новиот државен јавен обвинител, Ненад Савески, наместо да донесе надеж за реформи и независност во правосудството, отвори сериозни дилеми за продолжување на старите практики. Ова беше главната порака од гостувањето на професорот Ненад Марковиќ во емисијата „Ноќно студио“, каде упати остри критики за состојбите во обвинителскиот систем.
Според Марковиќ, првите денови од мандатот на Савески биле доволни за јавноста да добие јасна слика во кој правец ќе се движи институцијата. Тој оцени дека новиот обвинител „крахирал во првите 48 часа“, покажувајќи однесување кое, според него, е премногу подредено на извршната власт.
Како дополнителен проблем беше посочено честото присуство на Савески во близина на премиерот на јавни настани и свечености, што според критичарите ја нарушува перцепцијата за независност и непристрасност на функцијата што ја извршува.
„Изборот на Ненад Савески покажа дека ништо нема да се промени во Македонија. Првите 48 часа покажаа дека кај нас обвинителството се доживува како продолжена рака на извршната власт“, истакна Марковиќ.
Во дебатата беше заклучено дека државата и понатаму е далеку од вистински независно обвинителство, кое ќе функционира како самостоен столб на власта и гарантор на правдата. Наместо тоа, според оценките, системот останува заробен во кругот на политичко влијание, недоверба и недоволна борба против корупцијата.

