Утрински Весник
Македонија

Судскиот совет нетранспарентно и зад затворени врати одлучува за пресуди од Стразбур

Sudski sovet tabla scaled 1.jpg

Блупринт групата за реформи во правосудството остро реагира на одлуката на Судскиот совет на Република Северна Македонија да ја исклучи јавноста од седницата одржана на 15 април, на која се одлучувало по барање за повторување на постапка врз основа на пресуда од Европскиот суд за човекови права.

Невладините организации кои го следат судството оценуваат дека ваквиот потег претставува сериозно отстапување од принципите на транспарентност и отчетност, особено ако се има предвид дека станува збор за прашање од висок јавен интерес.


Според нив, барањата за повторување постапка по пресуди од Стразбур не се класични дисциплински постапки и не постои оправдување тие да се разгледуваат зад затворени врати. Тие потсетуваат дека досегашната пракса на Судскиот совет била ваквите случаи да се разгледуваат на јавни седници, со што се зајакнувал легитимитетот на донесените одлуки.

Дополнително, организациите укажуваат дека и одлуките за разрешување, како и самите пресуди на Европскиот суд за човекови права, се веќе јавно достапни документи, па исклучувањето на јавноста во оваа фаза од постапката е неосновано.

Блупринт групата предупредува дека ваквото постапување директно ја нарушува правната сигурност и дополнително ја разнишува и онака кревката доверба на граѓаните во судските институции.

„Ваквото постапување е спротивно на препораките на Оценската мисија на ЕУ, Комуникациската стратегија на Судскиот совет и заложбите за реформи во правосудството“, се наведува во реакцијата.

Организациите упатија јавен апел до Судскиот совет итно да обезбеди поголема отвореност и да постапува во согласност со принципите на транспарентност, отчетност и владеење на правото.

Блупринт групата за реформи во правосудството ја сочинуваат Институтот за европска политика (ЕПИ), Институтот за човекови права (ИЧП), Коалицијата „Сите за правично судење“, Македонското здружение на млади правници (МЗМП), Хелсиншкиот комитет за човекови права и Центарот за правни истражувања и анализи.

Можете да прочитате

Николоски на средба со стопанствениците од Пелагонискиот регион

 Сиљановска-Давкова оствари средба со турскиот претседател Ердоган 

Средба на министерот Минчев со амбасадорката на Грција Филипиду: фокус на јакнење на капацитетите за стручно усовршување