Утрински Весник
Магазин

Кози кои го шокираа светот – научниците не знаат како преживеале

Image 2026 04 14 104548917.png

Научниците се обидуваат да го разјаснат необичниот природен феномен на изолираниот вулкански остров Санта Барбара во Бразил, каде што едно стадо кози успеало не само да преживее, туку и да се размножува повеќе од два века, иако на целиот остров не постои извор на слатка вода.

Ова откритие, според истражувачите, би можело значително да го промени разбирањето за границите на адаптација кај живите организми во екстремни климатски услови. Се претпоставува дека козите биле донесени на островот Абролјос, кој се наоѓа на околу 70 километри од бразилскиот брег, од страна на колонизатори, кои ги користеле како извор за храна. Откако луѓето го напуштиле островот, животните останале сами, изложени на сурови временски услови, силни ветрови и ограничени ресурси. Во ваква средина, повеќето животински видови би умреле за само неколку дена. Сепак, овие кози со децении останале витални и здрави, а истражувањата покажуваат дека често се размножувале успешно, при што често раѓале и близнаци. Научниците кои со години го следеле нивното однесување посочуваат на еден особено зачудувачки факт – ниту еднаш не било забележано коза да пие вода. Во обид да го објаснат овој феномен, научниците изнесуваат две главни теории.


Според едната, козите низ генерации развиле способност да консумираат морска вода, иако таа е штетна и најчесто смртоносна за повеќето цицачи. Ова би значело значајна физиолошка адаптација која досега не е целосно разјаснета. Втората теорија укажува на можноста дека животните ја добиваат целата потребна течност преку исхраната, односно од растението кое доминира на островот и има способност да задржува големи количини влага. Станува збор за тушт, познат и како пеплис – хранливо растение кое расте и во медитеранските региони. Според Еризмар Роча, директор на Националниот морски парк Абролјос, козите развиле уникатни механизми за преживување кои допрва треба детално да се истражуваат.

Во меѓувреме, последните 27 кози неодамна биле отстранети од островот, бидејќи нивното присуство почнало да ја нарушува еколошката рамнотежа, особено загрозувајќи ретки видови птици кои живеат на тоа подрачје. Следниот чекор на научниците е спроведување на детални анализи на генетиката и имунолошкиот систем на овие животни, со цел да се утврдат факторите што им овозможиле долгорочен опстанок во вакви екстремни услови. Истражувачите сметаат дека овој необичен „супервид“ би можел да има значајна примена во иднина, особено во развојот на нови видови добиток отпорни на суша, што би било од голема полза во контекст на глобалното затоплување и сè поекстремните климатски промени. 

Можете да прочитате

Предмети во домот што изгледаат чисто, а всушност се легло на бактерии

Синовите ја наговориле Бритни Спирс да оди на лекување од зависност

Промоција на биографската книга „Фудбал под сенка” за легендарниот фудбалер Васил Рингов