
Црногорската полиција утрово во Рисан ги уапси водачите на руската хибридна мрежа Рибар (Rybar), Михаил и Велерија Звинчук и уште тројца нивни соработници.
Кај приведените, според црногорските медиуми, пронајдена е софистицирана дигитална опрема, дронови, електронски уреди и телефони.
Црногорските служби имале дојава дека членови на Рибар ќе ја посетата земјата, а нивниот престој со денови бил следен. Тие тврдат дека ја посетиле Црна Гора за да снимат документарен видео-материјал за најавеното усогласување на визната политика на Подгорица со стандардите на Европската Унија.
Подгоричкиот весник „Побједа“ објави дека Михаил Звинчук е полковник на руската воено-разузнавачка служба (ГРУ), а Валерија е на црната листа на Велика Британија.
Рибар е руска медиумска и информативна мрежа, формирана во 2018 година, првично замислена како платформа за воена анализа и известување за конфликти, но подоцна прерасна во широка мрежа на комуникациски канали, кои западните институции ги поврзуваат со ширењето на проруски наративи, пропагандни активности и операции за влијание врз информациите.
Звинчук е под санкции од Европската Унија од јуни 2023 година. Во образложението на одлуката на Советот на ЕУ се наведува дека, покрај управувањето со каналот Рибар, тој е член на работна група формирана од рускиот претседател Владимир Путин за координирање на активностите поврзани со војната во Украина. ЕУ го поврза со ширењето на дезинформации и пропаганда во корист на Кремљ.
За Велика Британија мрежата Рибар е еден од актерите во руските операции на манипулација со странски информации и мешање во демократските процеси, делумно координирана од Кремљ, а финансиски поддржана од руската државна корпорација Ростек.
Официјален Лондон тврди дека Рибар покрај објавување на воени анализи користи и анонимни медиумски налози, наводни истражувања и содржини генерирани од вештачка интелигенција за да влијае на јавното мислење и да промовира наративи усогласени со интересите на Кремљ.
Велика Британија во јули 2026 година воведе дополнителни санкции за лица поврзани со Рибар, како дел од мерките насочени кон спротивставување на руските информативни операции.
Според анализата на Американскиот институт за проучување на војната (ISW), Звинчук од ноември 2024 година зборувал за создавање на меѓународна мрежа со повеќе од 250 комуникациски канали на 28 јазици, како и за отворање медиумски училишта во Србија, Босна и Херцеговина и Киргистан.
Аналитичарите наведуваат дека таквите активности се дел од напорите на Москва да го зајакне своето информациско влијание надвор од своите граници преку медиуми и дигитални платформи, особено во земјите изложени на геополитички тензии и спротивставени меѓународни интереси.

Црногорските медиуми објавија дека Рибар склучил директен договор со Агенцијата за информатичко-комуникациски технологии на Република Српска за отворање така наречено „медиумско училиште“, со цел да се обучи нова генерација локални новинари и блогери за руски методи на информациско војување.


